Австралија има над 27,5 милиони жители

Популацијата се зголеми за 1,6 проценти, што е за дополнителни 423.400 луѓе, објави Австралиското Биро за Статистика (АБС). Годишниот природен прираст, или раѓањата минус смртните случаи, додадоа 107.400 на населението, додека нето миграцијата од странство додаде уште дополнителни 315.900 луѓе.

Институтот за јавни работи, тинк-тенк кој промовира економија на слободен пазар, рече дека бројките се на историско високо ниво и дека сите сме афектирани со тоа.

„Најновите податоци за нето миграцијата од странство потврдуваат дека, и покрај неодамнешното умерено намалување на имиграцијата, големината на приливот останува многу зголемена од нивоата пред пандемијата“, рече заменик-извршниот директор на IPA, Даниел Вајлд.

„Потребно е многу посилно и побрзо намалување на бројот на мигранти за да се врати довербата во програмата за имиграција, која вака не прави посиромашни, домувањето недостапно, сообраќаен застој во градовите а нашето општество поделено.

„Уште еднаш, најновите податоци покажуваат дека невидениот раст на населението на Австралија, ги афектира сите домени од животот.“

Г-дин Вајлд рече дека федералната влада „намерно и драматично го зголемила бројот на доселеници во Австралија за да прикаже дека нема намалување на економијата“.

Но тоа создава продолжена економска рецесија по глава на жител и зголемена инфлација. 

Експертите предупредуваат дека големиот прилив на мигранти во Австралија практично го деградира животниот стандард, бидејќи населението на земјата премногу брзо стигна над 27,5 милиони жители. Тоа е нешто што Австралија едноставно не може да си го дозволи, со недостижно зголемување на побарувачката за домување, инфраструктура и услуги кои не можат да го следат енормното зголемување на популацијата.

Министерот за имиграција Тони Бурк, одговарајќи на загрижувачките бројки, рече дека годинашното намалување на бројките покажува дека владата го вратила интегритетот на имиграцискиот систем. Минатава година, Австралија регистрираше 493.800 доселеници.

Бројките на миграција станаа политичко жешко прашање, бидејќи инфлацијата повторно демне а цените на куќите продолжуваат да растат, а во исто време инфраструктурата заостанува под растечкиот товар на големиот прилив на население.

Популацијата во Нов Јужен Велс се зголеми за 1,2 проценти, или за 101.000, на 8,57 милиони, додека Викторија скокна за 1,8 проценти, со дополнителни 124.600, на 7,05 милиони.

Во годината до март имало 295.900 раѓања, соопшти АБС, што е скок од 2,1 процент во однос на претходната година. Смртните случаи, исто така, се зголемија за 2,1 процент во текот на годината, на 188.400.

Во мартовскиот квартал, бројката на природен прираст скокна за 48 проценти во однос на претходниот квартал, или од 11.100 луѓе, на 34.200 луѓе.

Нето миграцијата од  странство од јануари до март изнесуваше 110.100, што е зголемување од 44.000 во однос на претходниот квартал.

Останати вести