Австралија објави „шокантен“‘ еколошки извештај

Бројот на загрозени видови во земјата во изминатите пет години се зголемил за осум проценти. Притисокот врз сите екосистеми во земјата и натаму расте

Извештајот за состојбата на животната средина во Австралија се очекуваше напрегнато. Тој беше презентиран од Министерството за животна средина во Канбера, а резултатите во него од страна на медиумите и коментаторите беа оценети како „шокантни“. Се зборува за „катастрофални загуби на диви животни и животен простор“.

Податоците за извештајот, кој се објавува секои пет години, ги составуваа над 30 експерти. Притоа се „снима“ состојбата во секој аспект од австралиската животна средина – од реки и океани, преку воздух и мраз, сè до регионалните и градските подрачја. Најновиот извештај е „отрезнувачки“, констатира Универзитетот во Сиднеј.

Од времето на колонизацијата, на континентот се изумрени 39 видови цицачи – повеќе од кој било друг континент, констатираат експертите. Истовремено, 80% од речиси 400 видови цицачи во земјата живеат само во Австралија и ги нема на друго место во светот.

Од последниот извештај во 2017 година до денес на листата на загрозени видови се нашле уште 17 видови цицачи, 17 видови птици и 19 видови жаби. Бројот на загрозени животински и растителни видови во изминатите пет години се зголемил од 1774 на 1918. Една од главните причини за тоа е губењето на природниот животен простор. Во извештајот се вели дека помеѓу 2000 и 2017 година во Австралија се опустошени 7,7 милиони хектари земја. Животинскиот свет беше тешко „ранет“ и во последнитеголеми пожари од 2019 и 2020 година.

„Состојбата на животната средина во Австралија е лоша и се влошува уште повеќе поради зголемениот притисок од промените на климата, загубата на животен простор, инвазивните видови, загадувањето на околината и експлоатација на ресурси“, се вели, меѓу другото, во извештајот и се оценува дека сето тоа се одразува негативно не само на здравјето на луѓето, туку и на нивниот животен стандард, како и на нивното културно и духовно исполнување.

Претходната конзервативна влада на Скот Морисон, која беше жестоко критикувана поради пасивниот однос за заштита на животната средина, го доби извештајот во декември 2021 година, но не го објавуваше поради изборите во мај годинава. Новата влада на Ентони Албанезе, од друга страна, ја направи борбата против климатските промени една од централните теми на својата агенда. Министерката за животна средина Тања Плиберсек изјави дека извештајот одразува „повеќе од една деценија неактивност и намерно игнорирање“.

Останати вести