Пет лица загинале а 54 се повредени во сообраќајни несреќи годинава и лани на делницата од Кичево до Охрид, каде десет години траат градежните работи за изградба на нов автопат.
Автопатот во должина од 57 километри почна да се гради во 2014 година, во време на ВМРО-ДПМНЕ кога премиер беше Никола Груевски, и сè уште не е завршен, ниту пак ќе биде годинава. Лани во ноември премиерот Димитар Ковачевски при увид на градежните работи на терен кажа дека се работи со засилено темпо и дека очекува да биде готов до крајот на 2023 година. И министерот за транспорт и врски Благој Бочварски неколку пати повторуваше дека до крајот на 2023 година градежните работи ќе бидат завршени.
Но, на терен нема засилено темпо на градежните работи. Во моментов, градежни машини и работници има само во делот пред влезот на Охрид. А ниту еден дел од автопатот не е комплетно завршен, па и понатаму е мачно и опасно да стаса до Охрид.
Министерот Бочварски, за разлика од лани, сега не кажува кога ќе биде готов автопатот кој можеме да го наречеме „Вечност“.
– Стоиме на ставот дека сите патишта кои ги започнавме треба да направиме максимални напори да ги завршиме, како и автопатот Кичево-Охрид, кој го затековме со голем број проблеми. Проблемите се решаваат и отстрануваат, а веќе се поставува и третиот слој асфалт. Ние правиме притисоци да почне сукцесивно дел по дел да се пушта автопатот од тоа што е подготвено. Ќе почне асфалтирање на третиот слој од Охрид кон Подмоље, продолжуваме кон аеродромот во Охрид, Ботун и кон Кичево. Правиме притисоци фирмите да си ја завршат работата, бидејќи институциите својата работа ја завршија, рече Бочварски пред десетина дена при теренски увид на градежните работи за рехабилитација на автопатот Скопје-Тетово.
Автопатот Кичево-Охрид до овој момент со сите анекс-договори чини преку 600 милиони евра. Започна да се гради на 22 февруари 2014 со рок да биде готов до 2018 година. Кредитот од 374 милиони евра за оваа капитална инвестиција е земен од кинеската банка „Ексим“ и државата треба да го врати за 20 години. Но, со доаѓањето на власт на СДСМ во јуни 2017, беше кажано дека проектот е утнат, има еден куп нерешени проблеми на трасата. Првичниот проект претрпе промени поради несовпаѓање на проектираната и изведената траса, градежните активности беа сопрени, цената вртоглаво „скокна“ за 50% и беше потпишан нов анекс договор со кинеската фирма од дополнители 185 милиони евра.