Албанскиот парламент го ратификуваше договорот – конечно ќе се вратат
20 украдени икони во Македонија

Албанскиот парламент на пленарна седница го ратификуваше договорот за соработка меѓу Република Албанија и Република Македонија, за враќање на иконите украдени од македонска и шверцувани на албанска територија, јави државната агенција АТА.

Албанскиот премиер Еди Рама при последната посета на Скопје (кога имаше меѓувладина заедничка седница) донесе една од иконите и ја врачи на премиерот Ковачевски. Тогаш беше потпишан последниот меѓудржавен договор што албанскиот парламент минатата седмица го ратификуваше

Договорот е изгласан со 73 гласа, со што се отвора патот да се вратат 20 икони во „нивната земја на потекло, кои по заплената во Албанија преминаа во сопственост на албанската држава врз основа на одлуките на албанските судови”.

– Врз основа на направената проценка, иконите се совпаѓаат со културните добра на соседната држава и врз основа на договорот, Министерството за култура ќе го следи целиот процес за нивно враќање во земјата на потекло, согласно обврските дефинирани во Конвенцијата на УНЕСКО од 1970 година, стои во документот.

Во истрагата, која албанските власти ја водат под името „Икона“, во октомври 2013 година во Албанија беа запленети повеќе од илјада икони и црковни предмети. Во текот на судскиот процес меѓу украдените икони беа идентификувани 21 кои потекнуваат од македонските цркви кои биле оштетени и преправани со цел да се оневозможи утврдување на нивната автентичност.

Македонските власти од 2015 година интензивно бараа нивно враќање.

Останати вести