Американската амбасадорка Анџела Агелер е многу загрижена за случаите од високопрофилна корупција кои Апелеција се почесто ги враќа на повторно судење, при што дел од нив и застареле.
Писмо со ваква содржина амбасадорката на 11 април испратила до премиерот Димитар Ковачевски, министерот за правада Кренар Лога, шефот на дипломатијата Бујар Османи, како и до Врховниот, Апелациониот и неколку основни судови. Во писмото кое го објави “АлсатМ“ се вели и дека бавното процесуирање на случаите води кон тоа довербата во судството да биде на многу ниско ниво.
– Секој ден сум сè повеќе загрижена и разочарана поради големиот број предмети (од висок профил) кои Апелациониот суд ги врати во првостепена постапка на повторно судење. Очигледната неспособност на судовите брзо да ги процесуираат предметите низ судската постапка и нивното префрлање напред-назад, меѓу Апелација и Основниот суд дополнително ја намалува ниската доверба што јавноста ја има во судовите – се вели во писмото на американска амбасадорка Анџела Агелер.
Потврда и коментар за вакво писмо стигна од вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска која пак посочи рече оти се надева дека сите овие укажувања од страна ќе придонесатза поефикасна работа на судските органи во земјава.
Кон крајот на минатата година во посета на Македонија беше и тим за санкции од САД кој беше претставен дека доаѓа со цел да изврши поагресивен поглед на „минатите и сегашни корумпирани актери“.
Предолгото чување на предмети во Апелација, како и зачестеното враќање на пресудите на повторено судење, беше и нешто што го нотираше Судскиот совет кон крајот на минатата година, кога Апелација го врати предметот “Таргет-Тврдина“ на повторно судење. Тогаш судскиот совет на чело со Весна Дамева одлучи дека Апелација од неоправдани причини предолго во фиока го чувала овој предмет но и уште два други – “Тортура“ и “Трезор“, со што се отвора простор за нивно застарување.
Во речиси сите посочени предмети еден од обвинетите е Сашо Мијалков.
Во декември 2022 година Апелација ја укина осудителна пресуда од првостепениот суд за “Титаник 2“, со која Мијалков доби 12 години затвор, и го врати случајот на ново судење. Случајот “Титаник 1“, пак, не ја ниту дочека одлуката на Апелација бидејќи пред да се одржи седница делото застаре.
На 24 март 2023 Апелацискиот суд ја преиначи во условна казната од една година три месеци затвор на која ексшефот на УБК беше осуден во случајот „Плацови на Водно“ за кривичното дело перење пари.
Единствената затворска казна Мијалков во моментов ја има во „Империја“, случај за кој постигна спогодба со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и се договори на конфискација на дел од неговиот имот и да одлежи три години затвор (во Струга).
На 3 април Апелација соопшти дека ја укинува првостепената пресуда со која на вкупно 25 години затвор беа осудени поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, во случајот за организаторите на настаните од 27 април.