Австралиско-македонската младинска асоцијација „Никола Карев“ од Мелбурн во ноември 2027 година ќе одбележи значаен јубилеј – 50 години активно дејствување во зачувувањето, негувањето и промовирањето на македонскиот фолклор, култура и традиција.По повод овој редок и значаен јубилеј, ќе се одржи свечена гала-вечер во салата „Краун Паладиум“ во Мелбурн, на која ќе бидат одбележани пет децении успеси, посветеност и придонес во афирмацијата на македонското културно наследство во Австралија и пошироко.
Во текот на изминатите 50 години, АММА „Никола Карев“ се етаблираше како една од најголемите и најуспешни македонски фолклорни организации надвор од татковината. Низ друштвото поминале илјадници играорци и членови, кои преку бројни настапи низ Австралија и светот достојно ја претставувале македонската песна, игра и традиција.Изградена врз вредностите на заедништвото, посветеноста и љубовта кон македонското наследство, организацијата и понатаму останува силен чувар и промотор на македонската култура меѓу младите генерации.
Јубилејот претставува можност за оддавање признание на сите поранешни и сегашни членови, раководители, кореографи, родители и поддржувачи кои во текот на изминатите пет децении придонесоа во градењето на оваа значајна институција на македонската заедница во Австралија.Педесет години македонска гордост, традиција и успех – наследство што продолжува да живее и да ги инспирира идните поколенија.
26 Jun 2026