АМС ги подели ваучерите но тие не значат сигурен кеш – спортистите ќе треба да се „испотат“ за да дојдат до пари!

Поделбата на спортскиот ваучер за 2022 година крена огромна прашина во македонската спортска јавност. Се слушнаа остри реакции на спортисти и клубови незадоволни од сумата што ја добиле по бодувањето на Агенцијата за млади и спорт (АМС), а во што предничеше олимпиецот во теквондо, Дејан Георгиевски.

Македонскиот херој кој освои сребрен медал на ЛОИ во Токио доби ваучер од 350.000 (А$9,000) и притоа не е меѓу  првите двајца индивидуални спортисти по износот на ваучерот. Најголем ваучер индивидуално доби носителот на сребро од СП во карате Емил Павлов (500.000 денари), па по него следува параолимпијката Оливера – Накова Бикова (400.000 денари).

Неговиот револт на социјалните мрежи го пренесоа стотици обични граѓани, меѓу кои најмногу не ни знаат што значи ваучерот, односно не им е познат фактот дека тоа не се чисти пари.

Спортскиот ваучер е мерка која државата почна да го имплементира во 2019 година, изменувајќи го законот што дотогаш беше на сила во кој спортистите не беа ограничени со вкупната сума која може да ја обезбедат со олеснувањата според Законот за данок на добивка. Но, неофицијално, увидените злоупотреби, според кои одредени клубови „переле“ милионски суми од фирми со потенцијални големи давачки кон државата, донесе ограничување на шест, а потоа на десет милиони евра, колку што е сега вкупниот износ што на овој начин му дава поддршка на спортот.

Добиениот ваучер федерациите, клубовите и индивидуалните спортисти допрва ќе треба да го претворат во пари. Секако, ако успеат во тоа, бидејќи ниту една година од кога е почната оваа мерка наплатата не била целосна односно 100%. Спортистите допрва ќе треба да се испотат да дојдат до средствата кои им ги овозможува, ама директно не им ги дава државата. Имено, сега тие треба дса најдат фирма-спонзор кој ќе ги даде тие пари а за возврат ќе го добие ваучерот што на крајот од фискалната година ќе треба да го приложи кон завршната сметка за да добие ослободување од данок во висина на конкретната сума.

Во оракса тоа значи дека мал број фирми воошто и сакаат да разговараат за реализација на оваа форма на даночно ослободување во интерес на спортот пред крајот на летото, а најголем број трансакции се прават од октомври до декември.

Жестока борба за секоја фирма

Борбата е жестока за секоја добра фирма со солиден приход, со оглед што такви има сè помалку во државата. Пресметката е директна и брутална, пред сè поради одредбата од законот е што секоја компанија може да даде пари само во еден клуб од ист спорт. Тоа значи дека ако во фудбалот има 97 различни субјекти кои добиле ваучер, тоа значи дека тие треба да најдат ист толку различни фирми за да им го реализираат тоа што им го обезбедила државата, ама не целосно и директно на сметка. Колку поголем ваучер, толку поголемо задоволство, но и главоболки, особено во периодот на корона-кризата кога дури и тие што претходно давале многу пари на овој начин, сега се пазат, двојно и тројно се проверуваат и го даваат минималниот минимум од своите можности, со цел да не дојде до грешка во евентуалната пресметка на данокот, па да треба да плаќаат повеќе од што треба во делот на давачки.

Колку спортот и клубот е помалку познат, толку маката за наплата на ваучерот им е поголема. Фирмите прво ги „напаѓаат“ тие што се попознати, попопуларни, со поголем ваучер и кои нудат поголеми можности за соработка, а потоа трошките им ги фрлаат на помалите, пред сѐ на индивидуалните спортисти. Искуствата од терен велат дека токму тие имаат најголеми проблеми за наплата, а со тоа и најголем процент на ненаплатени ваучери од кога е воведена оваа мерка. Затоа, тие беа најсреќни кога Владата лани донесе одлука 30-отсто од износот на ваучерот да се исплати од буџетот директно на сметка на федерациите, клубовите и спортистите и тоа уште во првата половина од годината, што донесе огромно олеснување во нивната работа, нешто што ќе го нема оваа година.

Сумите на ваучерите се во денари

Останати вести