Аранжманот со “Бехтел“ е цената за пријателството со САД, додуша менаџиран од Груби…

Приказна за мали деца се “европските коридори“ низ Македонија. Земјата престана да биде крстосница на Балканот уште пред 20 години кога целиот транспорт од грчките пристаништа за ЕУ се преориентира преку Бугарија. Па погледнете дека денес нема ниту патнички воз од Скопје до Солун или до Белград! Ангажирањето на “Бехтел“ е проект на ДУИ а благајник е “комесарот“ Артан Груби

Американскиот градежен гигант “Бехтел“ на Балканот се појави заедно со “стратешките договори“ кои САД ги правеа поединечно со малите балкански земји. Доби договори за патишта во Црна Гора, Србија, Косово и сега дојде ред на Македонија. Не е важно што ќе се гради, битно е да се склучи “мрсен“ договор за да се покаже колку “се цени“ бесценетото пријателството со “најголемиот брат“.

Токму она што е договорено “Бехтел“ да гради во Македонија покажува колку се намачиле да најдат оправдување за астрономската цена. Уште ни една лопата не е ставена во земја а македонската Влада има обврска да плати аванс од 300 милиони евра (170 милиони веќе се платени, другите следат многу скоро).

На јавноста и се кажува дека ќе се фукнат најмалку 1.3 милијарди евра за изградба на 110 км автопатишта, во рок од 4-5 години. Со најава дека сумата може да скокне и над 2 милијарди!?

Во услови кога Владата последните 6 години имаше по околу 200 милиони евра капитални инвестиции, наеднаш зема обврска да плаќа по 300-400 милиони евра годишно само на “Бехтел“. Експерти предупредуваат дека во следните 5 до 10 години практично нема да има пари за никакви други инвестиции (нови болници, градинки…). Значи ќе требаат нови и нови кредити и покрај 2.5 милијарди евра дознаки од странство…

Секој петок урда…

Собранието на Македонија минатиот петок ги усвои измените на пет закони (што значи Владата кога го потпишала договорот со “Бехтел“ тој бил спротивен на постоечките закони!?) и тоа со таканареченото “европско знаменце“. Демек врската е тоа што делниците кои ги опфаќа овој договор се дел од европските коридори 8 и 10д. Ај што нема најава дека ЕУ воопшто ќе учествува во нивното финансирање, ама од Брисел дури дојдоа прекори зошто неправилно е искористено “европското знаменце“ со што се оневозможи поширока дебата во Собранието (имаше над 1000 амандмани од Левица).

Објаснувањето од Владата беше дека се работи за “многу важни“ делови од коридори кои ќе донесат голема благодет за државата. Но таа приказна за Македонија како важна крстосница на патот од Средна Европа кон грчките пристаништа и кон Мала Азија одамна веќе не важи.

Земјата дефинитивно престана да биде било каква крстосница на Балканот уште пред 20 години, кога целиот транспорт од грчките пристаништа се преориентира преку Бугарија. Па погледнете дека денес нема ниту патнички воз од Скопје до Солун или до Белград! Дури и турските гастарбајтери од Германија кои за празници и одмор се враќаат во татковината одамна не минуваат низ Македонија!

Има поитни проекти за градење

Македонската јавност е начисто дека делниците Битола-Прилеп, Тетово-Гостивар и Требениште-Струга-Ќафасан се едноставни за изведба бидејќи се во поле. Делницата Гостивар-Букојчани е сложена зашто е преку планински предел.

Но прашањето е колку навистина во овој период е приоритет да се има автопат помеѓу Битола и Прилеп (сега е двонасочен пат на кој дефинитивно му треба итна темелна поправка) или помеѓу Тетово и Гостивар (сега има магистрала со по две ленти во еден правец). Народот се иселува, тие делници ја немаат поранешната фреквенција на возила. А од друга страна веќе со години стојат незавршени клиничките болници во Охрид и Штип, не се крпи автопатот Скопје-Гевгелија, никако да се заврши патот Кичево-Охрид (чијшто крак би бил овој Требеништа-Струга)… Нема гасовод, железничката мрежа е целосен распад, скопскиот водовод има 60% загуба на вода, тетовскиот водовод дури и нема вода… Здравството и образованието се на колена, болниците и школите се опремуваат преку донации од странските амбасади…

Од опозицијата слушнавме критики дека овој проект со “Бехтел“ е всушност заокружување (поврзување) на проектот за Илирида, односно Голема Албанија. Дека ова е проект на ДУИ (дел од врската на Албанците и Американците), а СДСМ е само привезок. Од власта ова беше демантирано, но останува фактот дека координатор за изведба на договорот со “Бехтел“ е вицепремиерот Артан Груби. Тој е координатор и за патниот правец Скопје-Блаце (граница со Косово). Тој ќе решава кои фирми од Македонија ќе бидат ангажирани како подизведувачи и практично ќе ги распоредува плаќањата. Се расчу дека уште пред неколку месеци ги поттикнувал сопартијците од северозападна Македонија да се готват и да се здружуваат за да конкурираат како подизведувачи.  

Останати вести