Афера „Марихуана“: Жестоко противкриминалот и беззаконието – а осомничени и уапсени нема

Ќе продолжи големата акција на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и Министерството за внатрешни работи (МВР) во која досега се запленети над 40 тони марихуана од повеќе правни лица во Македонија во Струмичко и во Скопје. Акцијата започна како реакција на запленетите 5 тони марихуана во соседна Србија, за кои тамошните медиуми соопштија дека е со потекло од Македонија.

Премиерот Христијан Мицкоски деновиве изјави дека нема да се зачуди ако бидат запленети и 100 тона марихуана од фирмите кои имаат лиценца за нејзино одгледување.

Се работи за проблем во врска со начинот на нејзино одгледување и чување. Проблемот се појавува во 2023 година кога со измена на Правилникот (потпишан од министерот за здравство Фатмир Меџити од АА) се дозволува одгледување на марихуана и на отворен простор. Според експертите таквата марихуана е сосема неупотреблива за медицински цели, бидејќи исклучиво мора да биде одгледана во строго контролирани и затворени услови. Во ваква констелација јасно е дека дозволувањето да се одгледува марихуана на отворени ниви води само кон едно – дека таа ќе се продава на улиците.

По донесувањето на измената во Правилникот лиценци за одгледување на марихуана добиле само уште две фирми во земјата – една од нив е фирмата во Босилово од каде беа одземени 30 тони.

Според премиерот Мицкоски со акцијата имале за цел да покажат дека нема компромис со неправдата и со беззаконието.

– Беззаконието мора да се совлада, никој не е над законот и МВР со сиот свој капацитет што го поседува ќе се справи со предизвиците што ги има и кои допрва ќе следат, рече премиерот.

Тој испрати и порака до „оние што одлучиле дека криминалот е исплатлива работа“ дека тоа можеби било така во некое време во други околности, со друга политичка констелација, но оти денеска криминалот не се исплати.

– Ќе бидете пронајдени и ќе бидете жестоко казнети сите вие што мислите дека криминалот се исплати како професија, додаде Мицкоски.

Според премиерот, овие 40 тони запленет цвет од канабис се директна последица на „погрешните политики од минатото“ кои веќе нема да се дозволат.

Од Обвинителството за организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во единственото официјално соопштение за акцијата, наведоа дека продолжуваат активностите во соработка со другите институции. Додаваат дека се сослушуваат и сведоци, во насока на прибирање релевантни докази и факти за постапката.

Засега уапсени – нема.

Ќе се прават вонредни контроли во легалните фабрики за производство на канабис. Владата вели дека ќе именува членови на Меѓуресорската државна комисија за борба против недозволено производство, трговија и злоупотреба на дроги. Меѓуресорската комисија, која е воспоставена со Владина одлука во 2017, е составена од по еден претставник од Министерствата за правда, за внатрешни работи, за здравство, за локална самоуправа, за животна средина и просторно планирање, за надворешни работи, за образование и наука, за труд, за земјоделство, за спорт и за финансии од Царинската управа. Со Меѓуресорската комисија претседава претставникот од Министерство за здравство.

Останати вести