Афера „Марихуана“:40 тони спремни за шверцување запленети во Скопје и Струмичко

Македонската полиција и Обвинителството минатата седмица запленија околу 40 тони марихуана. Во Скопје се најдени нешто околу 9 тони марихуана и 1.300 шишиња со произведено масло од канабис (полупроизвод) во склад во кругот на поранешната фабрика ОХИС во Скопје, каде што е седиштето на скопската компанија „Алфафарм“ ДОО Скопје, регистрирана за производство и преработка на медицински канабис.

Втората локација од која се одземени дополнителни околу 31 тон марихуана и биомаса е фирмата „ЦБД Медплант“ во струмичко Босилово, каде еден од газдите е Христијан Котев, син на поранешниот прв човек на СДСМ во Општина Ново Село. Христијан Котев наводно е делумен сопственик на уште една фабрика за марихуана во Струмичко – „Лајтинг лукс“.

Неофицијални извори велат дека марихуаната на начинот на кој е произведена, складирана и чувана, никако не можела да биде за медицински потреби, туку само за продажба на улица.

Од Министерство за внатрешни работи и Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција изминатите денови не соопштуваа посебни детали, со образложение дека претресите и проверките сè уште се во тек.

„Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија  потекнува од нашата држава.

Извршени се проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина“, стои во кусото соопштение од МВР во саботата.

Објавената количина од околу 40 тони марихуана ја прави најголемата конфискација на дрога во Македонија во историјата.

Аферата „пукна“ во магацин за корнишони во Србија

Акцијата доаѓа откако пред десетина дена во Србија беа пронајдени и одземени пет тони марихуана, за кои српските власти соопштија дека биле прошверцувани од Македонија и биле наменети за српскиот пазар. Во Србија, според официјалните информации, овие пет тона се најголемата заплена на дрога во историјата (претходно рекордот бил 1.900 кг). Осомничени се пет лица, од кои две сè уште се недостапни за органите на прогонот. Меѓу уапсените таму е Иван Драгниќ, еден од сопствениците на скопската фабрика за медицинска марихуана „Алфафарм“ ДОО Скопје. Се претпоставува дека марихуаната запленета кај Крушевац дошла токму од скопската фирма. Се поставува прашањето како, зашто таква количина не е можно да се прошверцува во обично комбе – треба големо превозно средство како шлепер, на пример. Или почесто шверцување со помали возила. А за тоа треба да се има и „канал“ на граница…

Според српската полиција осомничениот Иван Драгниќ ја транспортирал дрогата преку границата до селото Коњух и ја складирал во магацинот на семејството Спасојевиќ чија фирма била регистрирана за складирање кисели краставички. Од таму осомничениот Урош Младеновски ја подигал за понатамошна продажба.

 Ова не е првпат дилери на дрога од Србија да се поврзуваат со македонски компании за одгледување канабис. Во 2019 година, по апсењето на сопственикот на „Јовањица“, Предраг Колувија, беше откриено дека тој поседувал и плантажи во Македонија.

Инаку „Алфафарм“ е регистрирана во 2023 година, има акционерски капитал од околу 529 илјади евра и дејност: одгледување и преработка на билки, ароматични и лековити растенија за фармацевтска употреба. Посебно внимание привлекува фактот што се евидентирани измени во сопственичката структура само неколку дена пред во Србија да бидат откриени и запленети петте тони марихуана. Фирмата е лоцирана во скопската населба Кисела Вода, а како сопственици, освен Драгниќ, се наведуваат и Предраг Брковиќ, Роберт Живковиќ, Јована Мијајловиќ и Драган Крстев.

Она што е индикативно исто така е што фирмата работела со загуба уште од првата година на формирањето, за во 2024 година да иствари драстичен пад на приходите, зголемување на расходите и нето загубата.

Кога се случила акцијата во Србија и додека била во тек, Александар Милошевиќ и Даниел Савасци излегле од сопственичката структура на компанијата, Савасци баш на 30 јануари.

Фирмата „ЦБД Медплант“ е основана во октомври 2018 година со основен капитал од 1.107.200 денари (18.000 евра). Вкупните приходи во 2024 година изнесувале околу 380 илјади евра со годишен раст од 175.81% во однос на 2023. Во истиот период остварена е нето-добивка од 75 илјди евра, за 32.48% пониска од претходната година. Фирмата има петмина сопственици: Коље Василев (воедно и управител), Христијан Котев, Алекс Гомес, „СГБ Проперти СА“ и Добринка Кирилиева.

Четири комбиња, еден мини-камион, пет камиони, осум патнички возила и еден шлепер ја однесоа марихуаната од струмичко Босилово

Останати вести