Али Ахмети со музејот на УЧК во Сопот ги подгреа националистичките страсти во Македонија. Лавина реакции поради славењето на т.н. „голема Албанија“ и организацијата која во јавноста е карактеризирана како „терористичка“. Од ДУИ – молк. Одново, по лошиот потег кој предизвикува нетрпеливост, не се обидуваат ниту да објаснат зошто преземаат вакви чекори.
Заменикот на Народниот правобранител, Јован Андоновски, потсети дека во селото Сопот каде се наоѓа спорната плоча, нема струја, водовод и пат. Го отвори прашањето, како се живее таму.
„Го пуштија во употреба музејот на УЧК во село Сопот, Кумановско. Во село Сопот веројатно нема водовод, струја и пат како што треба ама затоа има музеј. Сега остана само уште вода и чист воздух да обезбедат за Тетово. А, да, и егзистенција за сиромашниот народ. Инаку сé друго е решено. Додека не се свестат сограѓаните дека празен џеб е празен џеб, дека лоша инфраструктура е лоша и за тебе и за мене, дека дишеме ист загаден воздух и дека имаме исти проблеми со децении, сé е џабе. Сограѓани Албанци, ќе продолжат да ве хранат со мало лажиче“, напиша Андоновски.
Активиската на Левица и екскандидат за градоначалник на Аеродром, Весна Кираџива, смета дека чинот со споменикот и комплексот на УЧК, е кривично дело.
„Додека ве ранат со лоши филмови за некаква си „голема Албанија“, вие браќа и сестри, албански Македонци, живеете без вода за пиење, без канализација, децата ви се иселуваат и владее бела чума низ Полог поради мизерните услови кои ви ги нудат „господариве“, никој не одговара за вашите најблиски кои ги убија и живи ги запалија со Дурмо Турс, Беса Транс, модуларната во Тетово и ви се закануваат ако барате правда… Само уште музеј на терористи и повеќе албански знамиња да ви обесат и одма подобро ќе си живеете, националшовинизмот ќе ви донесе удобност, само ранете се со омраза која ви ја сервираат овие, коишто се богатат на вашата (и наша) мизерија. П.С. ова е кривично дело против државата“, напиша Кираџиева.
Политичкиот аналитичар, Ивор Мицкоски, смета дека владеењето на ДУИ е труло, врз база на национализам. Според него, тоа трае 20 години.
„Ова е продукт од 20 годишното владеење на ДУИ. Додека зборат за албанофобија и дека се водела нацистичка кампања против ДУИ, ова се продуктите на нивното труло владеење. Транспарент: Ќе го исполниме историскиот аманет Скопје да биде срцето на Албанија. Да не се чудиме после зошто и нивните квазиопозиционери флертуваат со косовски политичари и знамиња на голема Албанија. Зелени ќе станеле они, екологисти ќе стануеле“, напиша Мицкоски.
Сличен став и на сценаристот, како и критичар, Божидар Божиновски. Тој преку ироничен коментар ја искоментира состојбата.
„Ова се отвори денес, а и ние го плативме… Зубо нека е само, па и Али Ахмети на коњ ќе клајме на плоштад. Нормално, нема осуда од дежурните антинационалисти, пошто е лесно на мртов волк забите да му се бројат, ко ќе со некои помоќни ги нема“, напиша Божиновски.
И охриѓанецот Иљче Затаракоски со ироничен коментар, а кој се однесува за евентуалното санкционирање на поставената плоча со карта на т.н. „голема Албанија“.
„Ако ѝ требит помош на МВР да го пронајдит сторителот шо откри спомен-плоча со мапа на голема Албанија – Али Ахмети се викат… не знам дал го знајте“, напиша тој.
На темава се огласи и Богдан Илиевски (Бетмен) кој потенцираше дека за казнување во државата има двојни аршини кога се во прашање ДУИ и Македонците: „Кога Аљи ти вади голема Албанија во мермер одговорот е: ‘абе види секоја земја има такви мапи, стара е мапата‘, а ќе гоните по судови Македонци за знамето од Кутлеш, па пиздави матер ненормална.“
„Овој споменик, финансиран со јавни средства од повеќе од 300.000 евра, не е само дрзок приказ на иридентистичко однесување кон Македонија, туку претставува и значајна закана за регионалната стабилност на Балканот. Музејот, заедно со споменикот што ја симболизира Голема Албанија, служи како болен потсетник за историските неправди и територијалните претензии кои предизвикаа огромно страдање и поделба во регионот. Нужно е македонската влада да заземе цврст став против ваквите дејствија, кои служат само за влошување на тензиите и попречување на напредокот кон траен мир и стабилност“, реагираа и од ОМД.