„Бисер“ – место каде што расте македонскиот дух кај најмладите во црквата „Св. Петка“ во Рокдејл

Во време кога зачувувањето на македонскиот јазик, традицијата и заедништвото меѓу најмладите е сè поголем предизвик, во Македонската православна црква „Св. Петка“ во Рокдејл се роди една прекрасна иницијатива која веќе ги освојува срцата на младите семејства.

Секоја среда од 10 до 12 часот, горната сала на црквата се претвора во место исполнето со детска смеа, игра и радост. Тука се собираат дечиња од предучилишна возраст, придружувани од своите мајки, баби, а понекогаш и татковци, за неколку часа исполнети со дружење, учење и забава на македонски јазик.

Зад оваа прекрасна идеја стојат две млади мајки – Симона и Тина. Разговарајќи со Симона, дознавме дека сè започнало сосема природно.

„Секоја недела по светата литургија се собиравме во горната сала на црквата, каде што се одржуваат предавања за православната вера, празниците и духовните вредности. Таму секогаш имаше многу млади родители со мали деца. Така дојдовме на идеја да создадеме простор каде што најмалите ќе можат да се дружат, а родителите меѓусебно да се запознаат и да разменуваат искуства“, ни раскажува Симона.

Така се родил идејата за место каде што децата низ игра природно го слушаат и го зборуваат македонскиот јазик. Се пеат македонски песнички, се читаат приказни, се црта, се бои, се пишуваат првите букви, а најмногу од сè – се создаваат нови пријателства.

Играчките што ги исполнуваат просториите се донација од родителите, а детската насмевка е најубавата награда за сите што се вклучиле во оваа иницијатива.

Додека најмалите безгрижно си играат, возрасните имаат можност да се дружат во пријатна атмосфера, знаејќи дека нивните деца се на сигурно место. Сето тоа е овозможено со благословот на парохискиот свештеник, отец Владо Недески и поддршката на Црковната управа, која ги ставила на располагање просториите на црквата.

Ова уште еднаш покажува дека црковната општина „Св. Петка“ не е само духовен дом за Македонците во Сиднеј, туку и вистински центар на културниот, образовниот и општествениот живот на заедницата.

Иако досега се одржани само две средби, интересот е голем, а атмосферата е повеќе од охрабрувачка. Насекаде се слуша детска смеа, некои од најмалите, изморени од играта, заспиваат во прегратките на своите мајки, а дружењето завршува на најубав можен начин – со заедничко македонско оро во кое се вклучуваат и децата и возрасните.

„Ова е само почеток. Имаме многу идеи и сакаме секоја средба да биде различна, интересна и корисна. Нашата желба е децата да растат заедно, да го слушаат македонскиот јазик, да стекнуваат пријатели и да ја чувствуваат припадноста кон својата заедница“, вели Симона.

Ваквите иницијативи се вистински бисери во животот на македонската заедница во Австралија. Тие се вложување во иднината, во децата што еден ден ќе бидат носители на македонскиот јазик, вера, традиција и култура далеку од татковината.

На крајот, останува само да им честитаме на Симона и Тина за нивната визија, ентузијазам и несебична работа. Со поддршка од родителите, црквата и целата заедница, оваа група ги има сите предуслови да прерасне во традиција и во едно од најубавите места за дружење и воспитување на најмладите Македонци во Сиднеј.

Славица Марцевска

Останати вести