Со пресврт до победа од 2:1 над Авондејл, македонскиот клуб обезбеди пласман во четвртфиналето на Австралискиот шампионат.
Фудбалерите на Бродмедоу Маџик приредија вистинска фудбалска радост за своите навивачи и македонската заедница, совладувајќи го силниот состав на Авондејл со 2:1 во петтото коло од Австралискиот шампионат.
На домашниот терен, во натпревар исполнет со неизвесност, борбеност и голема драматика, момците на Бродмедоу уште еднаш покажаа дека поседуваат квалитет, карактер и победнички дух.
Гостите од Мелбурн први поведоа во 38. минута преку Нијах Џозеф, па на паузата Авондејл замина со минимална предност.
Но, во второто полувреме следуваше вистинскиот одговор на “магичните”. Во 55. минута Луис Лара Делгадо ја затресе противничката мрежа за израмнување на 1:1 и повторно ја разгоре надежта кај домашните навивачи.
Притисокот продолжи, а наградата за упорноста пристигна во 80. минута. Рајли Смит упати удар од работ на шеснаесетникот, топката го смени правецот и заврши во мрежата за огромна радост и водство од 2:1.
Драмата не заврши тука. Бродмедоу имаше можност и да ја потврди победата од белата точка во 88. минута, но пеналот не беше реализиран. Сепак, домашниот состав успеа да ја сочува предноста до последниот свиреж.
Со оваа голема победа Бродмедоу Маџик обезбеди пласман во четвртфиналето на Австралискиот шампионат, остварувајќи историски успех за клубот. Тоа е потврда за квалитетот, посветеноста и традицијата на клуб кој со децении е гордост на македонската заедница во Австралија.
Во недела, на 22 ноември, Бродмедоу Маџик гостува кај Аделаид Сити со почеток во 15 часот.