Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар тргна со подготовки за новата сезона, со најголем дел од фудбалерите кои во изминатата сезона преку баражот успеаа по две години во второлигашка конкуренција да се вратат во Првата лига, но проблемите и маките кои подолг период се соочуваат црвено-црните допрва ќе се разрешуваат. За среќа веќе има најави за позитивни ветришта кои наскоро ќе дувнат.
Во моментов најверните навивачи, “Комитите“, го преземаа раководењето со кллубот па на сите фронтови се растрчани за да обезбедат и финансии и лиценца и стабилизација на клубот.
Најекспонираниот од навивачите, Милорад Миленковски, деновиве објави дека Вардар во декември влегува во буџетот на Град Скопје за претстојната 2024 година, а на 20 јули советот ќе изгласа ребаланс за финансиска помош. И од останатите скопски општини се очекува исто така сериозно да помогнат, во ек кога навивачите веќе ја најавија кампањата „купи сезонски билет“.
– Со народот може Вардар да оди високо, на тој начин ќе се ослобди од сите некакви обврски какви што ги има од административни пречки во опшините и за брзо време ќе има сериозен прилив на средста кои ќе го подобрат расположението, а со некои добри соодветни засилувања, ќе можеме да ги оствариме амбициите, вели Миленковски.
Една од главните пречки е лиценцата, поради наталожениот долг кој веќе две години се влече уште од претходното раководство на Сергеј Самсоненко, пред Слободан Крстевски да го преземе клубот и кој не врати ни цент, иако го зема со ветувања дека ќе ја среди ситуацијата.
– Наидовме на разбирање од ФФМ, се надевам дека ќе продолжи тоа разбирање, тие ја знаат ситуацијата во која ние го затекнавме односно преземавме Вардар. Ова преземање е зашто е тоа нужно, а не зашто тоа ние го сакаме или имаме амбиции. Претходниот сопственик не е во состојба да го води клубот и јавноста очекува од нас да реагираме. Веќе создадовме таква клима уште од акцијата пред две години, дека кога е тешко секогаш тука се “Комити“ и јавноста очекува од нас да бидеме тука. Очекуваме дека ќе се решат сите работи и Вардар да го врати стариот сјај, а јас апелирам до народот во Скопје и Македонија да нè поддржи во оваа борба како што нè поддржуваше до сега и тоа активно. Потребни ни сте, Вардар е клуб на народот, Вардар е ваш клуб, додава Миленковски.
Вардар како стадион и база за овие подготовки го има стадионот во Маџари, иако Миленковски најави дека разговарале со бившото раководство на Сергеј Самсоненко за тренинг-центарот во Хиподром и за Академијата покрај источната трибина на Градски парк. Паралелно најави дека со трансформација на клубот ќе бараат промена и на Статутот за клубот да биде – клуб на народот.
– Сега кога клубот го раководи здружението “35 години вардарци“, односно “Комити“ кои стојат зад тоа здружение, многу е полесно – од народот за народот. Ние немаме ништо со долгот на Вардар и веќе пуштивме дописи до УЈП и ЈПССДП, благодарност што ни излегуваат во пресрет, со сè што е во рамки на законот. Веруваме дека нема да наидуваме на пречки, дека ќе ги премостиме сите пречки и ќе го вратиме сјајот на Вардар. “Комити“ ги застапуваат интересите на народот и ние сме претставници на народот за Вардар. Со трансформација ќе бараме да се смени Статутот и официјално Вардар да биде клуб на народот, потенцира Миленковски.