Во македонската јавност се смета дека веќе е договорено повторното влегување на Алијанса за Албанците во Владата (беа во почетокот со Заев), само не е јасно дали Алтернатива ќе остане или ќе излезе бидејќи нивниот став е дека нема да отстапат ниедна од ресорните позиции. Договорот помеѓу СДСМ и ДУИ е тие да отстапат по едно министерско место ама тоа да го стори и Алтернатива која држи три – исто колку што има пратеници додека Алијанса има 12 пратеници. Веќе се кажуваат и имињата на новите министри – генералниот секретар на АА Кренар Лога ќе биде предлогот за министер за правда на местото на актуелниот Никола Тупанчевски (СДСМ), а лекарите Фадил Цана и Беким Татеши се во игра за министер за здравство на местото на Беким Сали (Алтернатива). За ресорот екологија, кој треба да го отстапи ДУИ, Алијанса допрва ќе предложи свој кадар.
Премиерот Ковачевски негира дека има несогласувања со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, за влез на Алијанса во Владата. Сепак тој не одговори дали Владата ќе има 80 пратеници за измени на Уставот, гаранција кој за влез во Владата ја бара лидерот на Алијанса, Арбен Таравари.
Да потсетиме дека ВМРО-ДПМНЕ има 44 а Левица 2 пратеници така што на владејачката коалиција и недостигаат 6 за до 80 односно потребното 2/3-мнозинство во Собранието за промена на Уставот.