Видео на „Хајделберг Јунајтед“ повторно ги отвора прашањата за анти-македонските мотиви поврзани со неговото основање

Понекогаш едно видео е доволно да ја разбуди меморијата на цела заедница. Токму тоа се случи со неодамнешната снимка објавена од фудбалскиот клуб „Хајделберг Јунајтед“ кој е познат и под името “Александар Велики“, во која негови членови и потомци раскажуваат за почетоците на клубот. Наместо спортски романтизирани приказни, видеото отвора непријатни и одамна потиснати прашања: како и зошто бил формиран клубот во 1958 година и каква улога играле политичките структури во креирањето на етничките односи во Австралија.

Според сведоштвата во видеото, клубот бил формиран со поддршка од грчки службени лица, со цел да се спротивстави на македонската заедница која токму тогаш го градеше својот идентитет во новата татковина. Наводно, токму полициски кругови во Солун порачале да се создаде „грчко-македонски“ тим кој ќе биде противтежа на Престон Македонија – клубот што македонските мигранти го основале единаесет години пред тоа од љубов кон спортот и како дел за нашето културно обединување.

Она што особено боде очи е леснотијата со која некои од говорниците ја употребуваат омаловажувачката реторика од минатиот век. Термините како „бугари“, одамна осудени како навредливи обиди за бришење на македонскиот идентитет, се споменуваат како нешто нормално и дел од „историскиот контекст“. Но контекстот не може да биде изговор. Јазикот има моќ – да гради или да уништува.

А за Македонците во Австралија тој јазик не бил само зборови, туку реалност. Генерации биле изложени на дискриминација, јазична стигматизација и социјална изолација. За многумина, видеото не е сензација; тоа е потсетник на животот што го живееле.

Историјата не е играчка

Секоја заедница има право да ја слави својата историја. Но кога таа историја содржи сведоштва за дискриминација, политички мотиви и обиди за маргинализација на други етнички групи, тогаш мора да се постави прашањето: што точно слават во Хајделберг Јунајтед?

Претставувањето на овие наративи како дел од некакви „романтични почетоци“ не само што е неодговорно, туку и опасно. Наместо извинување и признавање, гледаме самодоволно прикажување на моменти кои многумина ги доживуваат како траума.

Тоа не е наследство. Тоа е неправда. А неправдата не смее да се премолчува.

Австралискиот спорт треба да биде простор без предрасуди

Денес Австралија се гордее со мултикултурализмот. Но токму затоа ваквите приказни мора да бидат продискутирани со сериозност. Спортските федерации и институции имаат обврска да реагираат кога се откриваат можни примери на дискриминација, дури и ако тие потекнуваат од минатото. Историјата не може да се промени, но може да се признае, да се осуди и од неа да се извлечат поуки.

Спортот треба да биде терен каде што сите се еднакви. Но еднаквоста не се постигнува со премолчување. Се постигнува со искреност.

Ние си го знаеме својот идентитет

За македонската заедница во Австралија видеото е потсетник на нешто што отсекогаш го знаела: дека македонскиот идентитет не е ниту измислица ниту политички проект, туку живо и длабоко вкоренето чувство кое го преносиме од генерација на генерација.

И колку и да се обидувале некои да го избришат, тој опстојал – и ќе продолжи да опстојува.

На YouTube, пред околу три месеци, беше објавено видео од фудбалскиот клуб „Хајделберг Јунајтед“ во кое членови и потомци на клубот зборуваат за неговите рани години. Во видеото се изнесуваат тврдења дека клубот бил формиран во 1958 година со поддршка од грчки службени лица, со цел да се спротивстави на македонската заедница во Мелбурн, особено на новоформираниот клуб „Престон Македонија“.
Според говорниците во видеото, иницијативата за создавање на еден „грчко-македонски“ тим произлегла од инструкции што наводно дошле од полициски кругови во Солун.

Останати вести