Новак Ѓоковиќ ја доби битката со Владата на Австралија откако австралискиот суд ги уважи доказите на неговите адвокати за неправедно одземена виза за влез во Австралија. Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ е слободен човек и ќе игра на Австралија опен, што почнува на 17 јануари, каде ќе се обиде да ја освои десеттата титула и да го освои 21. Грен слем, со што би апсолутен рекордер.
Федералниот судија Ентони Кели во понеделникот објави дека ја поништува одлуката на пограничниот службеник од мелбурншкиот аеродром „Таламарин“ да му се одземе визата на Ѓоковиќ (од претходниот четврток) како неосована. Воедно нареди на Новак да му се вратат пасошот и сите лични работи и да биде пуштен на слобода во рок од 30 минути.
Со одлука на Федералниот суд, Владата на Австралија ќе мора да му исплати отштета на Ѓоковиќ за неправедниот четиридневен притвор, како и покривање на сите судски и административни трошоци. Според медиумски информации висината на отштетата која ќе ја плати австралиската влада може да достигне и до 460.000 долари (лавовскиот дел е за неговите адвокати).
Додека ја соопштуваше пресудата судијата Кели беше прекинат од адвокатот на федералната Влада кој соопшти дека му било речено да пренесе оти министерот за имиграција размислува да го искористи своето дискреционо прави за повторно поништување на визата на Ѓоковиќ.
Покрај опасноста за депортација Новак цело време беше соочен и со забрана за влез во Австралија во следните три години!

Ова предизвика нови часови на неизвесност, но само до објавувањето на фотографијата на која Новак Ѓоковиќ заедно со својот тим веќе беше на тениските терени и го одржа својот прв тренинг.
“Благодарен сум што судијата одлучи да ми се врати визата за престој во Австралија. И покрај се што се случи минатата недела, сакам да останам и да се натпреварувам на Австралија Опен. Останувам фокусиран на тенисот. Овде патував за да учествувам на еден од најважните турнири во историјата и дефинитивно мојот најуспешен. Во моментов можам да напишам толку многу и секако огромна БЛАГОДАРАМ до сите ширум светот кои ми дадоа поддршка и сила и ме охрабрија да останам трезен и силен” – објави Ѓоковиќ од „Род Лејвер“ арената во Мелбурн.
