Владата утврди структура за преговори со ЕУ, Ковачевски очекува да завршат до 2030 година

Владата донесе одлука за воспоставување структура за преговори за пристапување на Македонија во ЕУ, информира на прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски.

Вицепремиерот Бојан Маричиќ ќе биде главниот преговарач, а во тимот ќе учествуваат и домашни експерти, државни службеници и стручни лица надвор од институциите, како странски експерти.

Ковачевски верува дека институциите имаат капацитет за преговори со ЕУ и очекува квалитетна и ефикасна структура што ќе се носи со предизвиците. Најави дека целиот процес ќе биде инклузивен и транспарентен процес. Тој упати апел за општествен консензус за постигнување на напредок кон ЕУ, како и повик до опозицијата да учествува, да го поддржи и помогне процесот.

– Преговорите треба да се одвиваат со забрзана динамика и што побрзо да се затворат. Завршување на преговорите до 2030 година е цел која е достижна. Секое одложување или блокирање на носењето на одлуките во Собранието кои се однесуваат на евроинтеграцијата значи закочување на државата кон полноправно членство на ЕУ. Сега од нас зависи, од сите политички партии од сите пратеници во Собранието и од сите ангажирнаи во процесот на преговори колку брзо ке го завршиме процесот на преговори и пристапување кон ЕУ, рече Ковачевски.

Очекува Македонија да се приклучи на ЕУ при првото следно проширување (значи заедно со Србија и црна Гора) и да стане дел од Унијата со заштита на државните интереси.

– На 19 јули, кога ги почнавме преговорите, свртевме нова страница во историјата, покажавме дека носиме државнички одлуки за напредок на државата. Со меѓувладината конференција е потврдена стратешката заложба за евро и евроатлантска интеграција. Владата е посветена европските реформи. Нема алтернатива за ЕУ, тоа е нашата стратешка цел, рече премиерот Ковачевски на заедничката прес-конференција во Владата со вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ.

Останати вести