Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, до Државната изборна комисија ја поднесе иницијативата со референдумското прашање: „Дали сте за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка на Македонија и Бугарија објавен во СБ 12/2018 од 18.01.2018“.
Од ДИК иницијативата е доставена до Собранието на Македонија. Таму за неа треба да се изјаснат двете собраниски комисии – Законодавно-правната и за Политички систем кои треба да утврдат дали е уредна. По што претседателот на парламентот треба да одобри собирање на 150.000 потписи според законските правила. Штом тие се соберат потписите Собранието е должно да го распише референдумот.
Од ВМРО-ДПМНЕ ја повикаа власта да не прави опструкции а предложија на истиот ден со референдумот да се одржат и предвремени парламентарни и претседателски избори на еден трошок. Најдобро време за референдум ( и избори) е во првите три месеци на следната година.
Службите во Собранието тврдат дека додека не се врати Таљат Џафери од патот во странство иницијативата нема да биде доставена до комисиите. Од друга страна Законот воопшто не бара инволвирање на спикерот во оваа фаза, службите самите треба веднаш да ја насочат иницијативата во комисиите кои пак итно треба да се изјаснат за уредноста.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски вели сега ќе се насочат кон собирање 150 илјади потписи што ќе биде брзо но согласно роковите трае 3 месеци.
– Кога тие 3 месеци ќе завршат потоа во рок од 60 до 90 дена треба да се случи референдумот. Ова одговара за да се формира и техничка Влада, да се распушти Собранието, да се направат предвремени парламентарни избори и ние во исти момент да имаме и референдум и предвремени парламентарни избори и народот да ја искаже својата волја, дециден е Николоски.
ВМРО-ДПМНЕ предлага задолжителен референдум, а за да биде успешен треба да излезат над 900 илјади гласачи, од кои повеќе од половина ќе гласаат ЗА поништување на договорот.