Годинашното одбележување на Богојавление – Водици во Скопје ќе остане запаметено не само по традицијата и духовното значење, туку и по моментите кога храброста и пожртвуваноста дојдоа до израз. За време на фрлањето на светиот крст силното струење и ниската температура на водата ги ставија учесниците во сериозна опасност. Две момчиња премрзнале а други две се најдоа во животна опасност од давење. Брзата реакција и пожртвуваност на спасувачите не дозволија да се случи трагедија на овој свет ден.
Според МВР П.А.(20) од с.Визбегово и Х.П.(27) од с.Сопиште, кои учествувале на манифестацијата и влегле во водата, почнале да се дават, по што од нуркачки тимови биле извадени надвор од водата и со возила на Итна медицинска помош биле пренесени во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје. Други две млади момчиња, на возраст од 20 и 26 години, завршија во болницата „8 Септември“ поради премрзнување.
Особено беше забележана акцијата на спасување што ја изведе младиот Даниел Раевски (22) кој со брзина, присебност и смелост скокна во студените води и го спаси давеникот што се чипчеше за јаже и одвај ја држеше главата над бујните води вардарски.
– По положувањето на крстот и влегувањето на верниците, зголеменото ниво на реката бараше директно да се пуштиме во акција за извлекување на верниците. Дел од верниците ги извлековме заедно со колегите спасувачи и спасувачите од САЕ „Тигар“. Една мала група се издвои од толпата и се заглави во поставените безбедносни јажиња. Мојата првична работа беше завршена, бев излезен и чекав понатамошни инструкции. Во тој момент чекавме да биде прифатен последниот верник од страна на спасувачите што беа веќе во вода, но беше невозможно да пристапат, а помина подолг период. Добив инструкции да влезам и да го извлечам. Детето беше премрзнато и не реагираше на командите, но со напор успеав да го ослободам и да го качиме на чамец на САЕ. Потоа тоа беше преземено од нашите колеги од медицинскиот тим, раскажа потоа Даниел.
Инаку крстот што поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан го фрли во Вардар за да ги освети неговите води го извади 24-годишниот Дарко Митровиќ од општина Центар, помеѓу 160 верници кои се фрлаа по него.


По трет пат Мартин Гоџо го фати светиот крст во Охридското Езеро
Мартин Гоџо од охридската населба Варош беше најсреќниот меѓу стотиците верници кои на 19 јануари скокнаа во осветените води на Охридското Езеро. Тој успеа прв да стигне до чесниот крст на големиот празник Богојавление – Водици, продолжувајќи ја својата неверојатна низа на успеси.
За Гоџо ова не е прво вакво искуство. Тој веќе беше најбрз и во 2025 и во 2022 година, со што уште еднаш докажа дека среќата и верата се на негова страна.
Чинот на положување на крстот на градското пристаниште го изврши митрополитот на Дебарско-кичевската епархија, г. Георгиј, во присуство на 20.000 граѓани и гости од земјата и странство. Овој традиционален настан и годинава го потврди статусот на Охрид како центар на празничното одбележување на Водици во Македонија. Инаку Богојавление се смета и за најголем празник за Охрид.

Во Крива Паланка наградата за светиот крст донирана на 9-членото семејство Димитровски
Младиот Наум Додевски што го извлече светиот крст од водите на Крива Река, заедно со тимот млади другари, ја донираше наградата што му беше доделена на деветчленото семејство Димитровски од Крива Паланка, каде што поддршката е најпотребна. Тој нè потсети дека добрината, грижата за другиот и заедништвото се најголемата темелна вредност на едно здраво општество.
