Волонгонг Вулвс – Престон Македонија 1:2

Австралиски шампионат – 4. коло, група Д

Фудбалерите на Престон Лајонс приредија драматичен пресврт и со победа од 2:1 над Волонгонг Вулвс ги освоија трите бода во возбудлив натпревар од Австралискиот шампионат. Херој на “лавовите" беше Даниел Лазаревски, кој во 89. минута го постигна победничкиот гол на стадионот Македонија Парк.

Натпреварот започна со отворена игра на двете страни, а Престон Македонија уште во воведните минути создаде неколку добри можности. Закари Чанчи ја имаше најдобрата шанса во првите десет минути, но голманот на Волонгонг, Лукас Синот, со одлична интервенција го спречи водството на гостите.

Како што одминуваше времето, Волонгонг Вулвс постепено воспоставуваше рамнотежа во играта, а Флин Меден и Себастијан Ернандез беа меѓу најактивните во офанзивните акции. Во 40. минута домаќините имаа одлична можност за погодок, но голманот на Престон, Рајан Скот, со атрактивна парада го одбрани ударот со волеј.

На паузата резултатот беше 0:0, по интересно прво полувреме во кое двата тима имаа свои моменти.

Второто полувреме донесе прекин поради молњи, а по продолжувањето на играта Волонгонг успеа да го отвори резултатот. Во 57. минута, по корнерот на Меден, највисоко во скокот се издигна Ернандез и прецизно со глава ја испрати топката во мрежата за водство од 1:0.

Домаќинот имаше можност и за втор погодок, но овој пат ударот на Ернандез од тешка позиција заврши покрај голот.

Престон не се предаде и продолжи да напаѓа, а упорноста се исплатеше во 79. минута. По голема грешка на одбраната на Волонгонг при изнесувањето на топката, Кор Кор ја пресече акцијата и му асистираше на Џонас Марковски, кој ја искористи шансата и погоди за 1:1.

Драмата го достигна врвот во 89. минута. По изведен корнер, Даниел Лазаревски реагираше најбрзо во шеснаесетникот и ја протна топката во мрежата за целосен пресврт и водство на Престон од 2:1.

Во судиското продолжение Волонгонг тргна на сè или ништо во обид да избегне пораз, но Рајан Скот повторно се покажа како сигурна препрека. Голманот на Престон во 93. минута одбрани уште еден опасен удар, а потоа интервенираше и во последните моменти од средбата, зачувувајќи ја победата на својот тим.

Престон Македонија така стигна до значајни три бода со спектакуларен пресврт, покажувајќи карактер и упорност и покрај негативата во завршните 11 минути од регуларниот дел. Одлучувачки се покажаа грешката на одбраната на Волонгонг и голот на Лазаревски во самиот финиш.

Престон Македонија следниот предизвик го има во петок, на 13 ноември, кога на домашен терен во Резерво ќе ја пречека екипата на Лајонс ФК (Lions FC). Почетокот на натпреварот е закажан за 19:30 часот.

Табела

Група Д

Престон Македонија 7
Лајонс 6
Волонгонг Вулвс 5
Саут Хобарт 3

Останати вести