Поголеми групи на Роми направија дводневни симултани протести низ неколку града во земјата. Протести имаше во Битола, Прилеп, Кочани, Штип, Струмица… Најжестоки беа Ромите од битолскиот Баир кои со запалени гуми и растурање кабасто ѓубре и срчи направија блокада на магистралниот пат Битола-Охрид, а исто така слегоа да протестираат пред Судот и Полицијата во Битола.
Протестите настанаа откако полицијата на Роми од некокку градови им ги одзеде возилата кога ги затекна дека возат без возачки дозволи. Против возачите ќе бидат поднесени пријави по член 297-а од Кривичниот законик за Безобѕирно управување со моторно возило, одредба со најновите измени донесени пред некоја недела.
Во Битола биле запленти возила на тројца баирчани бидејќи немале возачки дозволи. Незадоволни и револтирани протестантитете бараа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да најде начин да добијат возачка дозвола без да полагаат возачки испит зашто се необразовани, или да си даде оставка. И да им се вратат возилата. Неколкумина од протестантите западнаа во катарза па почнаа да се закануваат со тепање на полицајците, со навреди кон премиерот. Веќе следниот ден тие објавија јавни извинувања преку фејсбук зашто им беа поднесени кривични пријави.
Велат неписмени а користат фејсбук, тик-ток…!?
– Немаме ништо против полицијата. Ние сме без возачки дозволи и без школо. Ни ги зедоа возилата, а со нив децата ги раниме. Ете, последните години намален е и криминалитетот зашто ние Ромите почнавме да заработуваме со коли. Возиме такси за ромите зашто другите таксисти не сакаат да не возат. Бараме да се најде начин да добиеме возачки зашто немаме друг начин за живот. Нека дојди инструкторот нека вози со мене да види дали не знам правила и знаци. Ако знам да возам нека ми даде возачка, ќе си платам. Ако не е возилото ќе умреме за леб, рече Рафет Мемишовски, кој говореше на протестот.
– Побараа регистрација, ај децата регистрираа. Кај да најдат сега над 1.000 евра за да положат возачка, не се писмени. Досега ги запираа, ќе ги казнеа и ќе си платеа. А каде и да учат? Видовте во Прилеп што се случува, Македонец не сака децата да му учат со Роми, е како нашето дете ќе се школува? Кај што живееме немаме вода и канализација, ние на нашата држава ѝ требаме само кога има избори, тогаш не посетуваат, каде се сега да дојдат, рече Ајнет Мемишовска.
– Државата е во право, не велам не. Но, нека размисли малку што направи таа за нас. До вчера дел од Ромите крадеа, веќе 7-8 години нема толку кражби во Македонија оти работиме. Со колите одиме по старо железо, пластика, се возиме со наши таксисти оти вашите не нè прибираат. Ни еден од нашите од Битола никогаш нема згазнато некое лице, рече Суљеман Љатиф, дел од групата која протестираше во Битола.
Со неодамна донесените измени на законите за сообраќај и за прекршоци полицијата доби овластување да им врши времена заплена на возилата на лица кои ќе направат подрастични прекршоци.
За возење под дејство на алкохол или драстично над дозволената брзина сторителот се апси на самото место.
Државата нема намера да им појде во пресрет на барањата за доделување возачки дозволи без полагање. Министерката за образование Весна Јаневска појасни дека според домашните закони Ромите имаат можност да завршат основно образование до 29 година од животот.