Во Крушево е строго забрането поставување фотоволтаици!

Со посебен закон донесен во 2012 година цело Крушево беше прогласено за споменична целина, па поради тоа денес на крушевчани им е оневозможено да поставуваат соларни панели за струја на покривите на куќите, јавните институции или стопанските објекти.

Од Општината велат дека со ова е закочен целиот одржлив економски развој на градот и бараат измени и дополнување на законот од 2012. Потенцираат дека вака крушевчани се обесправени во однос на другите граѓани во земјата. Во време на скапа енергија и енергетска криза, бараат поставувањето да се дозволи барем на јавните и стопанските објекти кои воопшто не се градени во автентичната староградска архитектура. Со намалувањето на користењето на дрвата и фосилните горива како огревни реагенси би се намалило и загадувањето.

– Конкретно основното училиште и гимназијата, тие како објекти се огромни потрошувачи на енергија, а годишно за затоплување трошат стотици кубици огревно дрво. Тоа се објекти со лимени покриви, исто како Здравствениот дом во Крушево, објектот на Старата градска кафеана каде во моментов имаме производствен погон… Одредени одредби од Законот за Крушево се на некој начин ограничувачки за одржливиот економски раст и развој на градот, вели за „Сител“ телевизија Татјана Хасану, раководител на сектор во Општина Крушево.

За апсурдот да биде поголем дозволено е поставување на соларни панели за топла вода (кои се идентични по форма со тие за производство на струја).

– Замислете кога некој инвеститор би дошол и во сакал да инвестира во тој регион и кога би му се кажало дека никако не смее да инвестира во свое сопствено производство на електрична енергија, тој никогаш не би дошол тука да вложи за било каков бизнис, што значи дека тој регион е осуден на економска пропаст, коментира Зоран Митрески, енергетски експерт.

И бизнисмените имаат забелешки на Законот за Крушево од 2012, па додаваат дека  со него практично Крушево се конзервира во постоечката состојба и не му се дозволува никаков развој.

– Немаме никаков развој во градежниот сектор воопшто. Не може ниту да се привлечат нови инвестиции, да се изградат нови сместувачки капацитети, нови ресторани, нови содржини. Се е поврзано со законот за градба, а ние сме во тој дел во споменична целина, коментира угостителот Мишко Талески за „Сител“.

Крушевчани бараат законските решенија да се прават со нивна координација, согласни се дека  е потребна заштита на старите објекти, но без економски развој градот кој веќе со години одумира целосно ќе се запусти.

Останати вести