Во Македонија вкупниот приход од трансфери во 2022 година – едвај А$1.5 милион!

Додека фудбалската берза и трансферите за најголем дел од малите земји се основен извор на приходи и фудбалски бизнис, Македонија за такво нешто е предалеку зашто во цела 2022 година, од 88 излезни трансфери кои биле направени вкупната заработка на клубовите е едвај – милион американски долари (околу А$1.5 милион).

Светската фудбалска федерација (ФИФА) традиционално го објавија генералниот извештај за трансферите на годишно ниво, во случајов за 2022 година, во кој се анализираат сите аспекти, а изминатата година ќе се памети по рекордниот број на направени трансфери од вкупно 20.209 и оваа 2022 година е трета според потрошените пари со 6,5 милијарди американски долари, зад рекордната 2019 со 7,35 милијарди „зелени банкноти“ и годината пред неа со 6,94 милиони американски долари.

Одамна е познато дека во Македонија фудбалски бизнис нема, ниту пак клубовите имаат некоја стратегија, па само инцидентно може да се случи некој трансфер кој ќе донесе повеќе пари, за разлика и од регионот каде политиката на „фабрика за извоз на фудбалери“ веќе носи сериозни заработки кај клубовите.

Во Македонија во 2022 година имало вкупно 178 трансфери, од нив 90 се влезни трансфери за кои севкупно биле издвоени 100.000 американски долари или во просек, нешто над 1.000 долари по трансфер (1.111). Излезни трансфери, пак, се направени вкупно 88 за вкупна заработувачка од еден милион „зелени банкноти“ или во просек 11.363 долари за трансфер.

Споредбено со лани, ништо не се сменило, во најголем дел трансферите од Македонија се со чисти документи, ама потрагичното е што одамна земјата не создава фудбалери за врвните лиги од кои при продажба може многу добро да заработи.

И ако споредиме со светскиот тренд за изминатата година, просечниот трансфер изнесува 301 илјада долари, 26 пати повеќе од просечниот македонски извозен продукт (фудбалер), а според извештајот на ФИФА за официјалните трансфери, дури 70 отсто од трансферите во светот се под милион евра, а само 10 отсто се над пет милиони евра, односно тие што всушност кумулативно ги уриваат рекордите (петте најсилни лиги).

И ако споредуваме со соседите и бивша Југославија, фудбалскиот бизнис ни е мизерен во групата на трите најочајни – ние, Албанија и Косово за кое нема финансиски податоци. Албанија, која изминативе неколку години е „ветена земја за македонските фудбалери“ во 2022 година заработила 900.000 долари од трансфери (излезни вкупно 111), а нема податоци дали и колку потрошила за ангажман на играчи. За Косово нема податоци воопшто за финансии.

Сè друго е светлосни години пред нас. Хрватска е лидер со 45,2 милиони долари заработка (295 трансфери), Грција е со 39,7 милиони (317), Србија со 30,8 милиони (236), Бугарија со 25,9 милиони (150), Словенија со 12,5 милиони (161). Блиску за далеку за нас се Црногорците со 1,6 милиони за 74 трансфери и Босанците со 2,8 милиони за 127 трансфери.

Споредби со поголемите – не се потребни!

Каков ни е домашниот фудбал и производ кој го пласираме, особено каква мизерија се резултатите на младите категории (младите фудбалери се најпобарувани од земји како Македонија), тешко е за очекување дека и на среден рок нешто би се сменило околу нашиот фудбалски бизнис.

(Спорт1.мк)

Останати вести