Македонското литературно друштво „Кочо Рацин“ – Мелбурн минатата недела ја промовираше најновата книга на Јагода Здравеска Котеска, со наслов „Зад Присој“. Настанот се одржа во библиотеката во Мил Парк и привлече љубители на литературата и припадници на македонската заедница.

„Зад Присој“ е семејна хроника посветена на родот Здравески од селото Лопатица, прилепско. Книгата претставува омаж кон предците, но и потсетник за идните генерации да го чуваат семејното и националното наследство. Авторката ја нагласува важноста од негувањето на македонскиот јазик, културата и традицијата, истакнувајќи дека човек не може да опстане без својот корен.
За време на промоцијата беше прочитана рецензија за делото, како и одбрани извадоци од книгата. Настанот заврши во неформална атмосфера, со дружење проследено со закуска, кафе и чај.