Во моментов има повеќе од 60 наредби за евакуација низ Нов Јужен Велс кои афектираат 50.000 луѓе, а предупредување за евакуација имаат уште дополнителни 20.000 луѓе.
На жителите од предградија Мекгратс Хил, Мулгрејв и Нарабин во вторникот им беше наложено итно да се евакуираат бидејќи имаше ненадејни поплави од врнежите што предизвикаа хаос во западните и северните делови на Сиднеј.
Силниот пороен дожд предизвика брзи поплави, при што загинаа мајка и син, дворовите на куќите станаа базени, тунелите се наполнија со вода и имаше одрони, а патиштата се претворија во речни корита.

Двете тела беа откриени во вторник наутро во западниот дел на Сиднеј, 67-годишна жена и нејзиниот 34-годишен син од Вентвортвил. Нивниот напуштен автомобил беше пронајден пред тоа. Со нивната смрт во Нов Јужен Велс досега од поплавите загинаа осум луѓе, додека во Квинсленд загинаа тринаесет лица.
Најлошо поплавата ги погоди северните предградија и северните плажи на Сиднеј. Мостот Розвил, кој го минува пристаништето, беше поплавен, заробувајќи многу автомобили во водата.
На жителите на Мекгратс Хил и Мулгрејв им беше кажано да се евакуираат до 20:30 часот во вторникот навечер. Во меѓувреме, на жителите на Нарабин им беше наложено да се евакуираат до 19 часот.
Претходно населението во ниските подрачја на Камден беа предупредени да се евакуираат бидејќи се очекуваше дека реката Непеан ќе се искачи на 15 метри длабочина.
Издадено е предупредување водата од чешма за пиење да се преврива или да се користи флаширана, бидејќи од поплавите водоводот може да содржи вода измешана со канализација, хемикалии и ѓубре, кои можат да предизвикаат сериозни болести.
Никогаш не пливајте во вода од поплава. Заштитете се кога расчистувате по поплава и носете маска, чизми и ракавици. Мијте ги рацете со сапун и вода по контакт со вода од поплава, за да спречите болест.
Ако нешто ве загрижува во врска со здравјето и потребна ви е помош околу јазикот, јавете се на TIS 131 450 и побарајте да ве поврзат со Health Direct на 1800 022 222