Со објавувањето на датумот за референдумот во 2023 година во сабота, 14 октомври, сега е време Австралијците, вклучувајќи ги новите државјани и гласачите од различно културно и јазично (CALD) потекло, да проверат дали се запишани во гласачкиот список и дека се подготвени за гласање.
Началникот на Изборната комисија, Tom Rogers, рече дека сите австралиски државјани на возраст од 18 години и постари се обврзани со закон да се запишат во гласачкиот список и да гласаат на првиот референдум по речиси четвртина век.
„Ако Австралијците не се сигурни за нивниот статус на запишување, треба да одат на веб-страницата на Австралиската изборна комисија (AEC) и да осигураат дека нивните податоци се ажурирани.“
Крајниот рок за запишување е 8 часот навечер на 18 септември.
Иако пополнувањето на гласачко ливче на референдум е различно од тоа на сојузните избори, услугите за гласање ќе бидат доста слични. 17,5 милиони гласачи ќе можат да го дадат својот глас лично на денот на гласањето, преку центри за предвремено гласање две недели пред денот на гласањето или по пошта.
Австралијците кои ќе гласаат во странство ќе видат дека услугите за лично гласање ќе се вратат на нивоата пред пандемијата. Покрај тоа, ќе има забрзани аранжмани за гласање по пошта во странство, како што беше овозможено за време на минатогодишните сојузни избори.
Установите за нега на стари лица исто така ќе забележат зголемување на услугите за мобилно гласање, нешто што во голема мера не беше можно за време на последните сојузни избори поради ограничувањата во врска со ковид. Покрај тоа, оваа услуга за првпат ќе им биде понудена на установите за престој на лица со ментални заболувања.
На лицата кои се слепи или имаат слаб вид ќе им биде достапно гласање преку телефон.
„Ние се фокусираме на процесот на спроведување на овој референдум. Од Австралијците зависи како тие ќе гласаат, нашата работа е да осигураме дека тие имаат пристап да гласаат“ рече г-динот Rogers.
Детални информации за сите услуги за гласање – локации и кога тие ќе бидат отворени – ќе бидат обезбедени на веб-страницата на AEC поблиску до периодот на гласање.
„Исто така е важно да се разбере улогата на референдум – поминаа 24 години од последниот, за толку многу луѓе процесот ќе биде нов или ќе треба повторно да се запознаат со него.“
На својата веб-страница, AEC располага со информативни листови на македонски јазик за целта и процесот на референдумот и за тоа како да се идентификуваат можните дезинформации за процесот на гласање. Исто така се спроведува национална огласна кампања преку радио, печатот, телевизија и дигиталните канали, за да им се помогне на сите Австралијци да се подготват за гласање.
За повеќе информации на јазикот што го претпочитате во врска со запишувањето во гласачкиот список и гласањето на овој референдум, посетете aec.gov.au/translated или јавете се на 1300 720 139.