По четирите порази тимот на Сиднеј Македонија, заедно со новиот тренер Анте Мориќ, прославија победа.
“Лавовите” натпреварот го започнаа доста офанзивно, а како резултат на тоа капитенот Тодороски во 18 минута од околу 10-тина метри шутираше но искусниот голман Барцена (своевремено го носеше дресот на Рокдаел Илинден) не дозволи да биде изненаден.
Само 4 минути подоцна брзоногиот Смит беше соборен во казнениот простор, а пеналот сигурно го изведе Томиќ.
Во 33 минута Гроздановски ја искористи грешката на голманот и со глава го зголеми водството на 2:0.
“Соколите” прва шанса имаа во 38’ кога капитенот Јанапулос шутираше силно по земја а топката помина покрај левиот дирек.
Гроздановски (повторно со глава) во 82 минута, откако беше несебично проигран од Петрадос го надмудри голманот Барцена и го постави конечниот резултат на овој натпревар.
На табелата Сиднеј Македонија се наоѓа на 5-то место со 24 бода, 9 бода помалку од првопласираниот тим.
К.М.