Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки предизвика вистинска бура со прашањето до премиерот дали знае за сексуалното малтретирање кон (под)офицерки во Армијата.
– Во АРМ има сериозни случаи на злоупотреби на службената позиција и сексуално малтретирање на подредени офицерки и војници од страна на високи офицери, вклучително од страна на генерали и полковници, началници во воената безбедност… Истите високи офицери за возврат им ветувале унапредување и школување на Воената академија и други бенефити, кажа Ковачки кој и самиот до пред некоја година беше полковник во АРМ.
Тој појасни од каде дошле овие информации.
– Трагајќи по главните митаџии во Министерството за одбрана, во телефонот на уапсено лице се пронајдени докази односно постојат фото и фоно записи со кои се потврдува злоупотребата за службената позиција од страна на генерал и полковник и за истото е информирана министерката за одбрана, и Стево Пендаровски кој не покажал интерес за ништо. Зошто министерката и Пендаровски не преземаат ништо? Тие одлучија да молчат. Премиере дали вие сте запознаени дека во институцијата со највисока доверба кај граѓаните имате највисоки офицери кои изнудувале сексуални услуги од нивните подредени колешки и дали ќе побарате оставка од министерката Петровска за не превземање а со тоа и стимулирање на вакви и слични појави во иднина? И второто прашање е кога ќе го разрешите Оливер Спасовски?, праша Ковачки.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска излезе на говорница да каже дека до неа нема пристигнато никакви писмени поднесоци со кои ќе се потврди ваквиот скандал со сексуално вознемирување на офицерки во Армијата. А доколку се појават таа веднаш ќе ги проследи според законските надлежности до военото разузнавање и до Јавното обвинителство. Исто како што сторила со аферата за митаџиите во МО.
– Тоа што вие како поранешен шеф на воено разузнавање сте имале обичај да чепкате, да подметнувате и да интервенирате во истраги кои се задача на Јавното обвинителство и на правосудните органи во оваа држава јас таа пракса не ја практикувам и нема да ја практикувам. Ниту водам истрага ниту имам законско право да преземам дел од истрагата која ја води Јавното обвинителство, врати Петревска.
Во врска со тоа од каде му се ваквите информации на Ковачки министерката продолжи:
– Веројатно се од истиот извор кој му ги дал документите дека јас поседувам хациенда или од истиот тој кој го натера пред неколку месеци и на собраниската говорница и на неговите социјални мрежи да напише „припадници на военото разузнавање биле уапсени во Косово“. Кога на пратенички прашања ми беше поставено прашањето јас го покажав документот официјален од косовските власти и од КФОР со кој се потврдува дека таков инцидент не се случил, рече таа.
Во однос на прашањето дали премиерот ќе го разреши министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, Ковачевски одговори дека нема да побара негово разрешување затоа што, како што рече, ова министерство добро ја врши својата работа.