Откако „црвената линија“ на ВМРО-ДПМНЕ за електронско гласање на македонските граѓани во дијаспората го затрупа Изборниот законик со 13.500 амандмани (10.000 од СДСМ и 3.500 од Левица), премиерот Христијан Мицкоски како алтернатива за откочување на изборната регулатива го нуди гласањето по пошта.
Опозицијата е волна да ги продолжи разговорите за Изборниот законик, но не открива дали гласањето по пошта на дијаспората ќе значи и консензус за Изборниот законик.
Можното поместување од тврдите позиции и на власта и на опозицијата за изборната регулатива следува откако евроамбасадорот Михалис Рокас рече дека Изборниот законик е добар и им порача и на власта и на опозицијата дека треба да постигнат консензус. Рокас смета дека не е затворено прашањето за Изборниот законик и, како што вели, сè уште има дискусија за него и дека е потребен консензус меѓу партиите.
– ОДИХР и Европската комисија дадоа позитивна оценка, но она што преостана се модалитетите. Јас разбирам дека има несогласувања кога се работи за овие модалитети, но чувствувам дека има добра волја тоа да се надмине. Парламентарната комисија задолжена за Изборниот законик веќе работи и се надевам дека партиите за толку важна работа ќе бидат во можност да седнат и да постигнат консензус за ова сензитивно прашање. Основите на законот и самиот закон се навистина добри, изјави Рокас за време на презентацијата на опремата на АРМ што е обезбедена со фонд од ЕУ.
Мицкоски: Естонија има разработен електронски модел – ама ете, нека биде по пошта
Премиерот Христијан Мицкоски, говорејќи веднаш по Рокас, обвини дека опозицијата неодговорно се однесува.
– Но ние сме подготвени повторно да седнеме да разговараме во делот на гласање на дијаспората, како да го подобриме тој процес, како да ја вклучиме повеќе дијаспората, рече премиерот.
Тој обвини дека опозицијата се спротивставува на електронското гласање, иако десетици земји во светот примениле такво гласање. Конкретно посочи дека естонскиот модел на електронско гласање е целосно разработен и дека, иако понудата е тој да почне од претседателските избори во 2029 година, опозицијата е исплашена оти смета дека и тогаш ќе биде во опозиција и дека некој повторно ќе им ги украде изборите.
– Фројд понекогаш проработува. Тие мислат дека како тие што се однесувале, сите така се однесуваат. Ние сме подготвени повторно да седнеме, да разговараме за гласањето на дијаспората, да најдеме модалитет, да биде во обем многу поголем со што би заштедиле пари. Еве, нека биде со писма, преку пошта, како било, да најдеме форма како да го интензивираме гласањето на дијаспората и да го направиме достапно за нив. А, што се однесува до сите други нивни барања, јас кажав дека ние како најголема политичка партија ги прифаќаме без да дискутираме, рече Мицкоски.
Премиерот кажа дека ќе ги прифатат барањата во делот на заокружувањето на бројката или на името на партијата, и тоа на предлог на опозицијата, како и во делот на жалбите по завршувањето на изборите.
– Јас би сакал да бидат 10 од 10 чекори исполнети. Имаме време до 15 јули отприлика да седнеме. Подготвени сме уште еднаш да се обидеме да најдеме начин да го надминеме ова што опозицијата го прави преку своето неодговорно однесување, рече Мицкоски.
СДСМ и Левица прифаќаат разговорите да продолжат
Од СДСМ и Левица прифаќаат да продолжат разговорите за Изборниот законик на ниво на координатори на пратеничките групи, а ставот за предлогот дијаспората да гласа по пошта ќе го кажат откако ќе го слушнат целиот предлог-модел на власта.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче повтори дека опозицијата ќе биде конструктивна, но не по цена на изборен грабеж. Според него целта на најавените измени е да се воведе гласање на далечина за дијаспората, со што околу 200.000 гласови би останале без соодветна контрола.
– Нашите позиции за Изборниот законик јасно ги кажавме и ги образложивме од што стравуваме и зошто сметаме дека тоа не е добро да биде така формулирано во законот. Зошто да има различно гласање за дијаспората и за луѓето што живеат тука? Зошто ние во земјата да оставаме фингерпринт, а некој да гласа електронски или со писмо? Зошто да не е еднакво безбеден процесот на гласање за тие што се во земјата и тие што не се тука? Ние за тоа се бориме. Зошто премиерот Мицкоски става таков товар на тие што живеат во дијаспората – утре некој да им каже дека биле дел од изборна измама? Зошто да ги изложуваме на таков ризик?, праша Филипче.
Тој повтори дека аргументите на опозицијата се издржани па праша зошто се прават измени за ДИК да не може да одлучува за целокупниот материјал на изборите, ами само за приговорите што се влезени во записниците? И зошто да се дозволи различно обележување на гласачкото ливче кога е јасно дека треба да се заокружи само бројот пред името на партијата.
– Тоа што премиерот менува предлози само за да помине законот, создава сомнеж зошто го прави тоа, а не одговара на вистинските прашања. Зошто дозволува да се отвори врата за манипулација на изборниот процес? Секогаш ќе бидеме конструктивни за тие закони, но не по цена на изборен грабеж, рече Филипче.
А бидејќи предлогот на Мицкоски за електронско гласање на дијаспората треба да почне за претседателските избори во 2029 година, тогаш за тоа прашање имало сосема доволно време да се разговара без брзање.
