За да не ѝ пропадне обвинението за „Плацеви на Водно“, зашто во истрагата не е сослушан првообвинетиот Груевски, обвинителката Лиле Стефанова се послужила со груба измама – ископала стара изјава на Груевски од 2015 година, ја сменила ознаката од РО во КО и ја вметнала во доказите. Судиите кои го оценувале нејзиниот обвинителен акт не ја забележале оваа божемна „техничка грешка“. Овој скандал од судењето прави фарса и ги потврдува замерките дека пресудите се практично препишани обвиненија
Новите судски рочишта за предметот „Плацеви на Водно“ ќе продолжат во сенка на големиот скандал што се откри на последната сесија на Кривичниот суд, кога се дозна дека контроверзната јавна обвинителка Лиле Стефанова со фалсификуван доказ го испратила обвинението – подметнала постара изјава на Никола Груевска како божем да го сослушала во истрагата што ја водела (а тој три години е во Унгарија)!?
За читателите мало појаснување: за предметот „Плацеви на Водно“ истрагата била отворена во септември 2020 година, првоосомничен (сега обвинет) е Никола Груевски, кој се гони за перење пари. Станува збор за сума од над 1.3 милиони евра донации во ВМРО-ДПМНЕ, кои, според обвинението, Груевски ги пуштил во оптек за купување на плацевите.
Обвинителката Лиле Стефанова била должна во истрагата за “Плацеви на Водно“ да го сослуша осомничениот Никола Груевски. Без Груевски во приказната, предметот на Стефанова паѓа во вода.
Што сторилa Лиле Стефанова, за која обвинетиот Орце Камчев тврди дека го конструирала случајот „Плацеви на Водно“, за да му се одмазди за аферата „Рекет“, односно за храброста што прв од македонските бизнисмени што биле рекетирани од дуетот Боки Јовановски – Катица Јанева проговори и понуди конкретни докази за тој мега скандал?
Иако била должна да ја запре истрагата против Никола Груевски и да му се суди кога ќе се создадат услови за тоа, Лиле Стефанова “се снашла“ – ја искористила изјавата на Груевски од 2015 година, што ја дал во една друга предистражна постапка за „злоупотреба“ (со ознака РО), па ја сменила ознаката во КО (како да го сослушала во истрага во 2020) и таквиот документ им го подметнала на судиите.
Како и во Австралија, исто и во Македонија за некој обвинителен акт да почне да се суди, прво оди на претходна оценка во Судот – да се оцени дали е изфржан и дали ќе го оправда процесот. Во случајов пред тројца судии на Одделот за организиран криминал на Кривичниот суд во Скопје. Во принцип, многу ретко се случува обвинителен акт да „падне“ во оваа фаза на постапката. Дури пословично е оти пресудите се практично препишани обвинителни акти. Но, во случајов, тие морале да воочат дека обвинението е со огромна маана. Тројцата искусни судии кои, како што изгледа, не ја отвориле папката со предметот за да го проверат се Софче Гаврилова-Ефремова, Огнен Ставров и Васка Николовски-Масевска и сега ќе бидат виновни што по долг процес и дејствија и направени огромни трошоци ќе пропадне процес кој немал правна основа.
Ем обвинителка ем итроманка
Новинарот Саше Димовски, одличен познавач на приликите во македонското правосудство, потсетува дека обвинителката Вилма Русковска, која ја водеше истрагата за предметот „Организатори на 27 април“, ја запрела постапката против Груевски поради неговото бегство. Инаку, двата предмета се во рацете на ист судија, Илија Трпков.
Очигледно свесна за неопходноста во „Плацеви на Водно“ да ја запре постапката против Никола Груевски и да му се суди кога ќе се создадат услови за тоа, обвинителката Стефанова морала да најде начин да се „снајде“. А тие, тројцата судии што го ценеле актот, најверојатно без да го отворат предметот го потврдиле обвинението, фаќајќи се на јадицата на лукавата обвинителка Стефанова, тврди Димовски.
Друго објаснување тешко се наоѓа, пишува авторот Саше Димовски, зашто ако судиите го виделе понудениот доказ, ќе виделе дека станува збор за изјава од три реда, дадена во 2015 година, а сите други дејствија и докази им се од 2020 кога била водена истрагата. Само оваа изјава, која е под реден број 14 на листата на доставени докази до Советот за оценка на актот, е од 2015 година, но со сменета ознака, КО наместо вистинската РО.
Изјавата која ја „позајмила“ Стефанова е дадена на 31 август 2015 година пред ОЈО Скопје, каде што обвинител бил Мартин Митрески, а Груевски негирал во тие три реченици дека има била каква поврзаност со фирмите купувачи на земјиштето на Водно.
Уште една скадалозна работа е следното: обвинителката Лиле Стефанова најверојатно мислела дека ќе може да ја користи изјавата на Груевски од август 2015 затоа што предметот “Плацеви на Водно“ се однесува на периодот од јуни до крајот на октомври 2015. Но како можела да знае кои кривични дела ќе се случат во следните скоро два месеца, а кои му се пишани во обвинението?