До крајот на неделава гостиварци ќе можат водата во водоводот да ја користат како техничка (за тоалетите), а ако сè оди по планот, до крајот на следната и за пиење, најави премиерот Христијан Мицкоски. Во тек е хиперхлорирање на системот. Според него за затруената вода во гостиварскот водовод „таму морална одговорност треба да понесат од прв до последен, од градоначалникот сè надолу“!
Владата прогласи кризна состојба во Гостивар откако во општината се појавија над 3.100 случаи на стомачни болки, проливи и повраќања (за среќа немаше ниеден тежок случај). Се испостави дека уште на 25 јуни гостиварски „Водовод“ поставил три пумпи во отворен канал во Вруток, и оттаму уфрлал вода во системот за вода за пиење. Ова да ти било вообичаено со години наназад кога градот ќе снема доволно вода во водоснабдителниот систем?! Но овојпат отворениот канал бил полн со колиформни бактерии (од фекалиите кои се цедат од септичките јами во Врток), а пумпите биле поставени речиси 800-900 метри подолу од зоната за доволено користење на водите од изворишниот дел на Вардар.
Напливот на заболени се појави на 13 јули, а пумпите се откриени и исклучени на 16 јули по наредба на Јавното обвинителство. На властите им требаше до 19 јули да прогласат кризна состојба но останува податокот дека во период од цели 22 дена гостиварчани ја користеле водата од водоводот за пиење.
Според земените примероци од страна на Институтот за јавно здравје водата содржела колиформни бактерии 2.419,6 cfu/100 мл наспроти максимално дозволените 50 cfu/100 мл (или 48 пати повеќе!).
Полицијата ги уапси а судија им определи 30-дневен притвор на Артана Асани – в.д. директорка на ЈП „Комуналец“ – Гостивар, Леон Нуредини – технички раководител на Сектор за технички работи, и Вадедин Дервиши – раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи во јавното претпријатие. Градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани, објави дека директорката и дел од раководството што е одговорно за водоводот се суспендирани од функциите, но рече дека тој не чувствува морална одговорност.
Истовремено во градот беше забрането целосно користење на водоводот за било каква употреба. Жителите мака мачеа со одржувањето на хигиената на високите летни температури, а најтешко беше во гостиварската болница. Сите угостителски објекти не смееја да ја користат водата од градскиот водовод за подготовка на храна, миење и послужување.
Владата обезбеди по 80-100 илјади литри пакувана вода дневно, но помош со 13 цистерни испратија и: Скопје, Неготино, Кавадарци, Армијата, Дебар, Тетово, Струга, Охрид и Кичево.
Во 2017 имаше слична состојба со неколку стотици заболени но причинителот не беше најден.
Од партијата Влен деновиве поставија прашање до претходниот градоначалник Арбен Таравари каде „испариле“ 7 милиони евра грант добиен од Швајцарија за трајно решавање на водоснабдувањето во градот? Уште во 2022 година требало да се направат два големи резервоара за вода за пиење. Резервоарите и парите ги нема, исто како што ја немамканализацијата во Зајас за која се потрошени над 2.5 милиона евра странска помош. И Тетов неколку пати добиваше грантови од странство за решавање на снабдувањето со вода, што делумно е направено.
