Дали Албанезе го промовира рударскиот гигант?

Прајминистерот Ентони Албанезе ги посети рудниците за железна руда на „Рио Тинто“ со министерката за ресурси Медлин Кинг во Карата, Западна Австралија. 

За време на обиколката на рудникот, Албанезе, заедно со раководството на „Рио Тинто“, Ричард Коен и Сајмон Трот, носеше кошула со име на компанијата напишано со црвена боја на едната страна и неговото име на другата страна.

На прес-конференцијата по обиколката, Албанезе го пофали работењето на компанијата со железна руда и нејзиниот придонес во економијата на земјата.

– Додека гледав како железната руда влегува во бродот, тоа што исто така го гледав е финансирање на училишта и болници, средства за одржување на нашата национална економија кои доаѓаат од овој сектор, а тоа доаѓа од напорната работа на вработените луѓе тука во Пилбара, што е особено важно – рече Албанезе.

Меѓутоа, фактот што Албанезе носеше нивна кошула предизвика контроверзи во медиумите и на социјалните мрежи.

Според SBS вообичаена практика е повеќето лидери да облечат некој вид униформа, која честопати ја обезбедува компанијата што ја посетуваат, како што Албанезе беше во „Рио Тинто“.

Поранешниот прајминистер Скот Морисон носеше кошула на која беа напишани зборовите Скот и името на компанијата, за време на посетата на рудникот „Fortescue Metals“ во април 2021 година.

Меѓутоа Џефри Вотсон, директор на Центарот за јавен интегритет, рече дека Албанезе можел да одбие да ја облече кошулата.

– Сигурно австралиската влада може да си дозволи на прајминистерот да му купи хај-виз јакна ако сака да оди на локациите, а со тоа да не поддржува ниту една компанија – рече Вотсон.

Вотсон рече дека е разочаран и вознемирен што прајминистерот ја облекол кошулата.

– Во денешниот свет со глобалното затоплување, спорови околу губење на нашите необновливи ресурси преку рударството; особено неодамнешните потешкотии кои ги имаше „Рио Тинто“ во врска со зачувувањето на светите места на Абориџините, мислам дека е ужасно да се помисли дека прајминстерот ќе носи кошула што има ефект на рекламирање – рече Вотсон кој истото го потенцираше кога Морисон ја облекол компаниската кошула.

Според Поли Хеминг, директорка на програмата за клима и енергија при Австралискиот институт, не е прикладно членовите на парламентот да носат брендови на особено влијателни компании.

– Кога некој оди на обиколка во училиштата, дали ја облекува училишната униформа? Без разлика дали е шега или не, или само некој му ја дал кошула на која пишувало „Ентони“, симболиката на нашиот прајминистер, кој се претставува како вработен во голема компанија за ресурси е неверојатно алараманта – нагласи Хеминг.

Останати вести