Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска ја алармираше јавноста дека во петокот била физички нападната со клоци и тупаници при извршување на работни задачи во Чаир. Се пожали дека припадниците на МВР само стоеле на страна и му дозволиле на напаѓачот преку мобилен да врти на повеќе места каде се заканувал што ќе и направи нејзе и на нејзиното семејство. Кон неа и нејзиниот тим биле упатени вербални закани и од други лица, а Арсовска по инцидентот заминала во Ургентниот центар на ГОБ „8 Септември“ видно вознемирена.
По излегување од болницата таа даде изјава за медиумите.
– Најпрво лицето ми се закануваше вербално, не можам ни да ги изговорам зборовите што ги употребуваше. Ми велеше дека ќе ме силува, дека ќе ме убие. Потоа ме нападна со клоци, а полицајците само го тргнаа и застанаа пред мене. Не презедоа ништо, изјави Арсовска.
Таа тврди дека насилникот бил во близок контакт со лица на високи позиции во МВР и пред сите повикувал службеници, најавувајќи закани за ликвидација на членовите на нејзиното семејство.
– Се јави на дваесет луѓе од МВР, ги предупредуваше што ќе ми направи, им велеше дека ќе ги ликвидира моите, додаде Арсовска.
Инцидентот се случил за време на увид на спорна дивоградба во близина на полициската станица Бит Пазар во Скопје, за која нема дозвола за градба, не се платени платени комуналии а згора на диво е приклучена и на струја и на вода.
– Овој објект го пријавивме уште во април-мај кога беше поставена првата плоча, потоа во јуни кога беше крената втората. Сега ја има и третата плоча. Имаат намера да изградат петкатен објект. Минатиот пат беа на диво приклучени за струја од бандера, а сега крадат струја од струјомер на починато лице, кажа Арсовска.
Иако, како што вели, објектот-дивоградба веќе двапати бил пријавен до институциите, нема никакво постапување од нивна страна.
Арсовска повеќе од два месеца укажува на сериозни пропусти на институциите. Тврди дека само во Општина Чаир има над 150 дивоградби за кои се поднесени пријави до надлежните институции. Го посочува градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, како одговорен за криминални постапки во урбанизмот.
Владата на Христијан Мицкоски должи одговор – не само за нападот, туку и за нивната пасивност. Ако јавноста не добие јасни одговори и одговорност, ова ќе биде уште една потврда дека институциите не само што не функционираат – туку и прикриваат.