Дваесет украдени икони вратени од Албанија во Македонија,на ред чекаат уште 37

Дваесет украдени икони од црквите во Македонија, кои полицијата на Албанија пред 10-тина години ги открила и одзела од криминалците, на 15 декември конечно беа предадени на македонската делегација во Тирана, а следниот ден веќе беа изложени во Музејот на Македонија во Скопје. На изложувањето присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, министерката за култура, Бисера Костадионовска-Стојчевска, поглаварот на МПЦ г.г. Стефан и членот на МАНУ кој всушност ги препозна иконите, Сашо Цветковски.

Овие 20 икони се украдени од македонските цркви во периодот 2008-2013, претежно од струшкиот регион. Беа вратени од страна на Албанија во рамките на договорот за соработка меѓу двете држави потпишан лани. Една од иконите албанскиот премиер Еди Рама (симболично, во знак на соработка) му предаде на македонскиот колега Димитар Ковачевски при потпишувањето на договорот за враќање на иконите минатата година во Скопје.

Постапката за враќање на украдените икони во Македонија од Албанија почна во 2013 година, со интензивни активности во последните две години.

Во периодот од 2008 до 2013 година имаше силен бран на насилно влегување во црквите, особено во западниот и југозападниот дел на Република Македонија, од каде што се однесоа стотици икони.

– За прв пат во нашата држава успешно заврши реституција на културно наследство. Дваесет наши икони, репрезент на она што се творело на крајот од 18-ти и во 19-ти век, после една деценија се вратени дома. Овие ремек дела за Македонија се дел од идентитетските одредници и наше богатото културно наследство, рече премиерот Димитар Ковачевски.

Голем удел во препознавањето на иконите има и Сашо Цветковски, член на МАНУ.

– Овој процес, кој траеше десет години, поминуваше низ различни фази, но благодарение на синхронизираноста на сите вклучени институции и поединци од струката и науката да ги видиме иконите овде вечерва. Тие се дел од нашето наследство, историја, култура, истакна Цветковски.

Како што беше најавено, ќе следи конзерваторски третман за секоја икона одделно. По конзервацијата и заштитата ќе следи и нивно прикажување за јавноста.

По завршувањето на овој процес за враќање на 20-те украдени икони во Македонија, предвидено е отварање на нов процес за враќање на уште еден контингент идентификувани македонски икони во Албанија.

–  Верувам дека успешно ќе се одвива процесот на враќање и на уште 37 идентификувани икони, украдени од македонските цркви и манастири во истиот периодот од 2008 до 2013 година, кажа министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

Останати вести