Истражувачката редакција на емисијата “Код“ објави детали во врска со големот дипломатски скандал – апсењето на македонскиот заменик-шеф на Мисијата во ОБСЕ Миле Миленкоски од страна на српската полиција, а по црвена потерница на Интерпол (распишана од Ерменија). Зачудува решителноста на српската полиција да го уапси македонскиот дипломат, иако според Виенската конвенција тој требало да има имунитет. Но поинаку веројатно немаше да дознаеме за аферата во која дури тројца дипломати од македонското МНР извршиле илегална “акција на спасување“ на лице обвинето за голема проневера на давни пари во Ерменија во изградбата на тамошниот автопатски коридор север-југ.
“Код“ тврди дека акцијата за извлекување била за македонскиот инженер Бранислав Димитријевиќ – кој таму бил обвинет заедно со братот на ерменскиот претседател Саргасјан, соборен пред 4 години. Братот веќе претходно бил побегнат.
Приказната започнува на 25 септември 2019 година кога Македонија и Ерменија за првпат воспоставуваат дипломатски односи, што е сторено при средбата на министрите Никола Димитров и Зохраб Нацаканијан на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк. Новите односи први ги користат група македонски дипломати кои веќе на 1 октомври со приватно ангажиран авион, со пилоти од Украина и Бугарија, патуваат за главниот град на Ерменија – Ереван. Во авионот биле тројцата дипломати – Миле Миленкоски, Владимир Сарафов и Стево Симски – како и уште еден Македонец со обичен пасош по име Зоран Спирев.
Ги предводел Миле Миленкоски за кого министерот Бујар Османи обзнани дека имал “бурна“ дипломатска кариера: во 2009 година е испратен во Детроит, за два месеци е овластен да раководи со криптозаштита, но веднаш потоа е преместен во Вашингтон, а потоа во Чикаго во времето кога министер е Антонијо Милошоски. Потоа следниот министер го праќа во Мисијата на МКД во ОБСЕ во Виена, од каде следниот министер, пак, го преместува од Мисијата во Амбасадата, бидејќи сите се водат по принципот дека има национален сертификат.
– Сите овие преместувања на Миленкоски се бидејќи правел кавги и инциденти, рече пред десетина дена Османи.
Дента кога слетале во Ереван таму се одржувал голем евро-азиски форум на кој биле присутни многу лидери а ѕвезда бил Путин. Во тоа мноштво на дипломатски пасоши македонската група немала никаков проблем на аеродромот.
Но, кога тргнале назад со авионот, пасошот на Спирев го искористил Бранислав Димитријевиќ, кој бил ангажиран од белгиско-шпански конзорциум за надзор на автопатот север-југ во Ерменија. Во тоа време веќе бил осомничен за големата проневера и ветил дека ќе остане во таа држава до крајот на истрагата. Но не останал.
Манипилацијата била откриена кога вистинскиот Спиров, кој останал во Ерменија, пријавил во македонските надлежни служби дека го загубил пасошот. По десетина дена со патен лист (времена замена за пасош) се обидел да излезе од Ерменија и тогаш било утврдено дека во системот стои оти тој веќе ја напуштил државата. Тогаш тој бил уапсен, а по проверката на видео-снимките од аеродромот во Ереван се утврдило дека во гужвата со форумот друго лице го искористило пасошот.
На почетокот од 2020 година ерменската полиција преку Интерпол бара од Скопје информација дали навистина тројцата што се претставиле како македонски дипломати тоа навистина и се, дали се носители на дипломатски пасоши. Македонското МВР тоа прашање го упатува до МНР и оттаму добива потврден одговор. еден месец подоцна, на 25 февруари стигнала и меѓународната потерница по тројцата дипломати.
Актуелниот министер за внатрешни Оливер Спасовски вели дека во тој период бил премиер на техничката Влада а прв човек на МВР бил Наќе Чулев, па не знае што точно било направено во врска со потерницата. Познато е само дека по ден-два таа е закачена и на македонскиот систем. Но изгледа никој не се потрудил за тоа да го извести МНР, бидејчи министерот Османи тврди дека за аферата дознале на 27 август годинава, кога Миленкоски беше уапсен на преминот Прешево-Табановце и однесен во екстрадиционен притвор во Врање.
Интересно е тоа што во тој период откако е објавена потерницата по него токму Миленкоски бил офицер за врска на МНР со владиниот тим за гранично управување, чие седиште е во МВР, и често таму одел службено.
Бадијала му било прикривањето – само што бил назначен за заменик-шеф на мисијата на МКД во ОБСЕ во Виена, Миленкоски со сопругата отишол во австрискиот главен град и таму останал едвај 4 дена, по што тргнал назад во Македонија. И на последната граница бил уапсен.
Како што објави “Код“, инжинерот Бранислав Димитријевиќ во Македонија има аероклуб а во Хрватска има државјанство и барка (чамец). Прелистувањето на неговиот фејсбук-профил покажува дека на 1 октомври 2020 од Хрватска постирал: “Помина 1 година од мојот слободен живот, без притисок и тортура. Ми недостасуваат моите пријатели и колеги, но тоа беше цената што морав да ја платам“. Друга објава покажува дека во меѓувреме повторно и се оженил, со жена по потекло од Украина.
Македонските власти н екажуваат што с еслучува со другите двајца припадници на МНР кои с ена црвената меѓународна потерница: Виктор Сарафов се знае дека е во пензија а Стево Симски наводно е на годишен одмор. На сите тројца им се суспендирани дипломатските пасоши. За Миленкоски е познато дека во затворот во Врање може да остане и цела година, а добил адвокат по службена должност. Нема информација и што се случува со возилото кое било со диломатски таблички, а кое српската полиција го запленила заедно со апсењето на Миленкоски.
Според Синдикатот на дипломатите во МНР оценката е дека ова е најголемиот скандал со кој силно е посрамена Македонија на меѓународен план. Оттаму се пожалија дека македонската дипломатија никогаш не била на волку ниски гранки како што е доведена во последните неколку години – владее непотизам, партиски игри, мали плати, непочитување на работниот кодекс…