Дејан Манасков потпиша за РК Вардар

Вардар експресно ја пополни празнината на левата крилна позиција по заминувањето на Тимур Дибиров и во своите редови го врати македонскиот репрезентативец, Дејан Манасков кој во „црвено-црниот“ дрес настапуваше и пред шест сезони.

Манасков е четврто ново име во вардаровиот ростер во овој преоден рок, откако на двократниот европски првак веќе му пристапија средниот бек Андреј Добрковиќ и пикерите Милан Лазаревски и Стефан Атанасовски.

Ракометарот со потекло од Велес се враќа во домашното првенство од унгарската екипа Веспрем со која не ја продолжи соработката.

Вардар добива брз, прецизен и искусен играч со големо меѓународно искуство со што екипата повторно гради силен, респектабилен и конкурентен тим и за сезонава. „Црвено-црните“ полека го градат тимот со кој и сезонава ќе атакуваат на двојната круна во домашното првенство.

Манасков во Скопје доаѓа по неколкуте сезони минати во унгарски Веспрем каде беше еден од најдобрите стрелци на клубот со над 540 голови на над 160 натпревари. Претходно настапуваше за екипите на Борец Велес, Металург, Вардар, Вецлар, Рајн Некар и на крајот во Веспрем.

Останати вести