Дибиров не смее да замине од Вардар, ако треба ќе дадеме пари од свој џеб!

Рускиот интернационалец во редовите на македонскиот ракометен шампион Вардар, Тимур Дибиров, ги шокираше фановите на клубот со веста дека ова е негова последна сезона во „црвено – црниот“ дрес.  Поточно, негов последен натпревар во дресот на двократниот европски шампион во Лигата на шампионите беше гостувањето кај унгарскиот гигант Веспрем, во рамките на реваншот од осминафиналето во елитното натпреварување.

Токму оваа вест  предизвика силни реакции во спортската јавност, а преку фејсбук страната „ФК Вардар – еден живот, една љубов“ беше испратена порака во која се посочува дека навивачите ќе платат, ако треба од свој џеб за тој да остане во клубот.

„Апсолутно недозволиво е заминувањето на Тимур Дибиров и односот кој го има Вардар према него и легендите на клубот. Ова не смее да помине така, време е повторно вардарци да стапат на сцена. Ако треба ќе платиме со пари од свој џеб само Тимур да остане, а Вардар под итно да го смени третманот спрема играчите, најмногу спрема оние играчи кои дале многу на клубот. Доста е, и време е нешто да се смени во Вардар, не е во прашање само финансиската состојба. Вардар мора да ги негува и вреднува вредностите кои ги градеше со години“, се вели во пораката на Фејсбук страницата.

Русинот по девет години ќе го напушти поранешниот европски шампион во кој дојде во 2013 година. Триесет и осумгодишниот Тимур Дибиров се здоби со статус на икона на скопскиот клуб, со кој освои две титули во Лигата на шампионите, шест титули шампион на Македонија и шест национални купови, три Суперкупа и четири регионални Шампиони во СЕХА лигата. Оваа сезона е најдобар стрелец во Вардар, а во Лигата на шампионите сезонава даде 74 погодоци или вкупно 659 гола во дресот на „црвено-црните“ во елитното натпреварување.

Останати вести