Минималната плата во Македонија се зголемува за 2.800 денари (А$70) односно од 15.200 (А$ 380) на 18.000 денари (А$450). Договорот беше постигнат по неколку состаноци и преговори меѓу Владата, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и Организацијата на работодавци. Зголемениот минималец ќе почне да важи со исплатата на платата за март, што значи дека работниците ќе го добијат на почетокот на април.
– Минимална плата во земјата добиваат нешто над 80.000 работници и сега минималецот е двојно повисок од оној што беше во 2016. Очекуваме оваа мерка позитивно да влијае на останатите плати во сите индустрии со што ќе се подобри стандардот на сите граѓани, се пофали премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција во Владата.
Оваа мерка, рече премиерот, во најголема мера ги опфаќа вработените во микро и малите претпријатија, трговијата, преработувачката индустрија и други важни индустрии во земјата.
За работниците да може да добијат поголем минималец државата со пари од буџетот прзела обврска да ја покрива разликата во придонесите.
– За да имаме успешен договор државата презема на себе да ја покрие разликата во делот на придонесите од сегашната минимална плата од 15.200 денари до онаа која ќе се исплаќа за март од 18.000 денари. Станува збор за удел од страна на државата од околу 16 милиони евра до крајот на годината. Ветивме и реализираме мерки кои директно го помагаат животниот стандард. Во исклучително кризна година, година на европски и светски кризи, остануваме фокусирани на финансиска поддршка на граѓаните, рече Ковачевски нагласувајќи дека пари за ова во државната каса има.
Покрај покачување на минималната плата, постигнат е договор и за нов начин на пресметување на минималецот.
Висината на минималната плата отсега нема да може да биде пониска од 57 проценти од просечната плата објавена според Државниот завод за статистика.
Претседателот на Сојузорт на синдикати на Македонија, Дарко Димовски се заблагодари на Владата што застанала зад барањата на синдикатите, но благодарност упати и до работодавците бидејќи, како што рече, не биле себични и не го попречиле зголемувањето на минималната плата.
Претставничката на работодавците им порача на синдикатите дека очекува сега да помогнат работниците да бидат попродуктивни.