Документарецот „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска со две номинации за наградите „Еми“

Објавени се номинациите за 78 доделување на наградите „Еми“ – највисоките признанија во светската телевизиска индустрија – а меѓу најголемите победници, се чини, веќе е „Епл ТВ“, чиишто нови серии „Pluribus“, „Margo’s Got Money Troubles“ и „Widow’s Bay“ освоија голем број номинации. Сепак, во категориите за драма, медицинската серија на „Ејч-би-о макс“ – „The Pitt“ продолжува да доминира и со 25 номинации е на место бр. 1 оваа година. 

Она што е особено значајно за Македонија на ова издание на „Еми“ е тоа што документарниот филм „Приказната за Силјан“ на режисерката Тамара Котевска доби две номинации. Ова е првпат македонско филмско дело да се најде во трка за оваа престижна американски награди, со што успехот на „Силјан“ добива огромно значење не само за Македонија, туку и за целиот регион.

Првата номинација е за Исклучителна вредност во документарното филмско творештво (Exceptional Merit in Documentary Filmmaking) – категорија која препознава дела со исклучителна авторска, уметничка и општествена вредност.

Втората номинација е за Извонредна кинематографија за документарна програма (Outstanding Cinematography for a Nonfiction Program) – признание за визуелната моќ на филмот и за кинематографијата на Жан Дакар (Jean Dakar), која ја претвора интимната приказна за човекот, природата и преживувањето во силно филмско искуство.

Со овие две номинации „Приказната за Силјан“ продолжува да го носи македонскиот документарен филм на светската мапа, од големите фестивалски подиуми до една од најпрестижните награди во телевизиската индустрија.

Големото финале и свеченото доделување на 78. по ред награди „Еми“ ќе се одржи на 14 септември оваа година во „Peacock Theater“ во Лос Анџелес.

Претходно наградите во креативните категории (Creative Arts Emmy Awards) ќе бидат доделени на 5 и 6 септември.

Инаку, документарниот филм „Приказната за Силјан“ во јануари годинава ја доби наградата од публиката (Audience Choice Prize) на „Синема ај онорс“ (Cinema Eye Honors), една од најзначајните и највлијателни меѓународни награди за документарен филм.

„Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена.

Инаку, „Приказната за Силјан” минатата година беше квалификуван во две категории за престижната филмска награда „Оскар“, но не влезе во потесна конкуренција за номинација, меѓу 15 документарни филмови.

Останати вести