Документите велат: За модуларните болници надлежни биле општината и директорот на болницата

Целосната надлежност за контролната и оперативната фаза на тетовската модуларна болница била на општина Тетово, директорот на болницата и комунални инспектори, покажува тендерската документација што ја објави “Дојче веле“ на македонски. Министерството за труд и социјална политика заедно со претставници на Светска банка го спроведувале, а локалните власти и директори требало да го контролираат квалитетот и функционалноста на модуларните болници.

Документите насловени „План за еколошки и социјален менаџмент“ на модуларните болници, објавени во октомври 2020 година во подробности ги опфаќаат фазите на изградба на модуларните болници, нивното одржување и контрола за секоја од нив поединечно.

Според овие документи надлежни за спроведување на проектот во делот на институционалните договори биле тим-лидерот од Светска банка и лице од проектната канцеларија на Светска банка при Министерството за труд и социјална политика како проект-менаџер. Во делот на имплементацијата, за тетовската модуларна болница надлежни биле две лица од Министерството за труд во делот на заштитниот надзор. Директорот на тетовската болница Флорин Бесими фигурира како изведувач, потоа во локалниот надзор како и во делот на локалниот инспекциски надзор.

Оваа ситуација се повторува и во речиси сите други модуларни болници кои беа градени во земјата за време на пандемијата – како надлежни за комплетниот надзор над работата наведени се само имињата на директор на локалната болница, понекаде и економскиот директор, во еден случај главната медицинска сестра, а во два града, Штип и Велес- никој поименично, односно наведено е само „менаџер“. Се работи за вкупно 17 модуларни болници кои државата ги финансираше со кредит од Светска банка во вредност од 3,8 милиони евра.

Согласно договореното, по реализацијата на проектот, односно завршувањето на модуларните болници, во документот требало да биде впишано и името на инженерот кој извршил надзор над завршената работа. Таа графа останала празна во сите модуларни болници.

Споделени надлежности

Во документите јасно се наведува дека во речиси сите фази од изградбата и контролата на објектите надлежни се локалните власти. Во случајот на тетовскиот модуларен ковид-центар, се наведува дека од подготвителната фаза, па се до последната оперативна фаза, за контрола на изградбата, функционалноста и заштитните механизми во објектот надлежни се, во различни сегменти, општинските власти во Тетово или изведувачот-понудувач „Брако“.

Во документите што ги објави “Дојче веле“ има:

– План за регуларно одржување на инсталациите (вода, одводна мрежа, струја, греење) во болницата (Надлежни: претставници на општина Тетово, директорот на болницата во Тетово, комунален инспектор и одговорно лице во болницата);

– Подготовка на План за заштита од пожар и имплементација на заштитни мерки (Надлежни: директорот на болницата во Тетово и одговорно лице во болницата); и

– Подготовка на план за менаџирање на отпад и контрола на зарази (Надлежни: претставници на општина Тетово, директорот на болницата во Тетово, комунален инспектор и одговорно лице во болницата).

Овие три ставки од оперативната фаза требало да бидат платени од буџетот на тетовската болница.

Планот за одржување на инсталациите и менаџирањето на отпадот требало да се изготви „пред пуштањето во употреба на болницата“, додека Планот за заштита од пожар требало да се реализира „на почетокот на работата на болницата“.

Останати вести