Доминик Перотет во вторникот официјално положи заклетва како 46-ти премиер на Нов Јужен Велс.
Тој беше избран за лидер на Либералната партија за НЈВ по ненадејната оставка на премиерката Гладис Береџиклијан во петокот. На гласање Перотет доби 39 гласови, додека противкандидатот, министерот за планирање Роб Стоукс, доби пет.
Гувернерот на Нов Јужен Велс, Маргарет Бизли, му ги даде овластувањата на Перотет на церемонија во Владината куќа.
Премиерот на Нов Јужен Велс, исто така, потврди дека нема да има реконструкција на кабинетот и дека „денот на слободата“ сепак ќе остане како што беше планирано – 11 октомври и покрај шпекулациите дека размислува да го донесе тој датум понапред.
Береџиклиан поднесе оставка и од пратеничкото место во Парламентот на НЈВ, откако беше објавено дека се соочува со истрага.