Bо саботното училиште во Килор Даунс, учениците од Подготвителна настава до12-та година кои го изучуваат македонскиот јазик, имаа уникатна можност да ја проследат драмската претстава “Велика”, изработена според романот Пиреј на познатиот македонски писател Петре М. Андреевски. Претставата ја оживеа моќната приказна за Велика, жена чија издржливост и сила го отсликуваат страдањето и жртвите на тоа време.

Како што троскотната трева пиреј е истрајна, неуништива и издржлива, така е истрајна, издржлива и неуништива македонската жена. Пирејот е троскот кој колку сакаш можеш да го кубиш, корнеш, но не можеш да го уништиш. Тој чим ја допре земјата пак се фака, оживува, потерува. Ништо не ја ништи таа трева.
Во романот Пиреј, Петре М. Андреевски македонската жена ја споредил токму со пирејот. Оваа жена не се ништи, не се истребува. Таа после сите страдања и маки повторно оживува, потерува, раѓа. Таа е мајка која како Велика истрајува пред силите што сакаат да ја искорнат рожбата што таа ја раѓа, чува, се грижи за неа, ја сака. Судбината на оваа жена е лична, семејна но и колективна, таа е судбината на Македонија.

Главната улога на Велика ја толкуваше Дона Димовски-Кантаровски, ликот на Јон го играше Евангелос Арабатзис, а англискиот глас на Велика го изведе Милијана Чанчар. Продуцент на претставата е Розмари Џон.
Настанот претставуваше незаборавно културно и образовно искуство за учениците, давајќи им можност подлабоко да се поврзат со македонската литература, јазик и културно наследство преку живо театарско искуство.