Над 11.000 луѓе ширум Австралија добија барање од Федералната влада да вратат вкупно $32 милиони, бидејќи како што се тврди, биле преплатени преку државната субвенција за JobKeeper за време на пандемијата.
Во исто време, владата се спротивставува на барањата да бара враќање на парите од компаниите кои добија субвенции за исплата на плати, а потоа оствариле и пријавиле профит во завршената економска година.
Државната агенција Services Australia достави соопштение до Сенатот дека дури 11.771 вработени се должни да ги вратат парите, што е утврдено по направената ревизија за исплати на социјална помош и помошта дадена преку програмата JobKeeper, што им ги исплатил работодавецот.
До 30 април 2021 година, со оваа ревизија е утврден долг од $32,8 милиони. Барањата за враќање на помошта беа пратени само до примателите на социјална помош, кои во исто време примиле и помош од JobKeeper.
Сенаторката од Партијата на зелените, Рејчел Сивурт, вели дека податоците откриваат двојни стандарди, еден кој се применува за поединци што добиваат помош, а друг кој се однесува на компании кои побарале субвенции за плата за вработените.
Притоа луѓето кои примаат социјална помош се должни да пријават приход од други извори во Centrelink, со податоци што се користат за да се пресмета на колкава материјална помош имаат право. Владината анкета неодамна покажа дека повеќе од една третина или 38 проценти од Австралијците, кои ги загубија своите работни места на почетокот на пандемијата, биле на возраст под 25 години.
Services Australia во рамките на својата надлежност, ги проверува приходите што ги пријавило едно лице, наспроти даночната евиденција и други докази.
Позната како „robodebt“, владината програма која официјално се нарекува „онлајн иницијатива за усогласеност“, почна во 2015 година а беше засилена во 2016 година. Врз основа на тоа, Centrelink ги користи годишните податоци за приходите кои ги доставуваше Австралиската даночна управа (ATO) за да утврди дали некој бил преплатен од оваа државна агенција.
Меѓутоа, поради несоодветна употреба на податоците за просечните приходи на Австралиската даночна управа, државата сега има обврска да исплати $111 милиони оштета. На враќање пари од „robodebt“ имаат право 430.000 луѓе.
Кога станува збор за помош од програмата JobKeeper, корисниците на социјална помош имале обврска да ја пријават оваа субвенција како „редовен приход“.
Џереми Паксон, портпарол на Австралискиот синдикат на невработени работници смета дека програмата „JobKeeper“ е „збунувачка“ и грда, но и не изненадува дека од милијардери како Гери Харви, кои земале државна субвенција, а и оствариле профит, државата не си ги бара парите назад.
На поединците им е кажано дека можеби ќе бидат обврзани да платат и камата доколку на време не го подмират својот долг кон државата. Одлуката за наплата, според сознанијата на медиумите, не ја стопира ни барањето од примател на социјална помош за утврдување како е пресметуван долгот.
Од друга страна, од компании кои оствариле профит, а притоа добиле субвенции од државата за исплата на плати на вработените, не се бара да ги вратат пари.
Имено, компаниите морале да го покажат реалниот или предвидениот пад на приходот од најмалку 30 отсто во одреден временски период, за да се квалификуваат за исплата. Но, многумина не претрпеа вакви прогнозирани загуби, туку напротив забележаа профит. Медиумите известуваа дека милиони долари субвенции за вработените исто така биле искористени за исплата на високи дивиденди на акционери во компаниите.
Мал е бројот на компании што се наоѓаат на листата на австралиската берза ASX300 кои се обврзаа да ги вратат субвенциите.
Според портпаролот на владата на Морисон, не постојат двојни стандарди кај исплата на помош на поединци и компании. Портпаролот на Services Australia, изјави дека се преземаат сите потребни чекори да ги потсетат луѓето на нивните обврски за пријавување приход.
Тој, исто така, објасни дека во случај на субвенции за компании, таму каде погрешно e пријавенo дека ги исполнува условите за добивање помош, АТО има моќ да ги врати преплатените износи. Така, во јули беа идентификувани $284 милиони преплатени средства, а досега се вратени приближно $138 милиони.
Да потсетиме, државата само еден ден заклучување поради ковид ја чини $300 милиони.