ДУХОВНА СРЕДБА НА МОЈА ВО ЦРКОВНАТА ОПШТИНА „ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА“ ВО СИДНАМ: МЛАДИТЕ, ВЕРАТА И ПРЕДИЗВИЦИТЕ НА СОВРЕМЕНОТО ОПШТЕСТВО

Духовна средба со отец Ефтим и отец Гаврил во црковната општина „Пресвета Богородица“ во Сиднам, Мелбурн

Во организација на Македонската православна младинска асоцијација (МОЈА), во црковната општина „Пресвета Богородица“ во Сиднам се одржа духовна средба со отец Ефтим и отец Гаврил, посветена на значењето на православната вера и предизвиците со кои се соочуваат младите во современото општество.

Преку примерот на светите браќа Кирил и Методиј, нивната просветителска мисија и истрајност во ширењето на христијанската вера меѓу словенските народи, беше нагласено колку се важни духовните корени, јазикот и црковното наследство за зачувувањето на идентитетот.

Посебно внимание беше посветено на секојдневните предизвици на младите, кои во образовната средина, на работното место и на социјалните мрежи често се соочуваат со притисоци да се приспособат на околината и да ја потиснат својата верска припадност. Како одговор на овие предизвици беше истакната потребата од активен црковен живот, молитва, пост, исповед и редовно учество во светата Литургија.

Една од главните пораки на средбата беше дека македонскиот идентитет, православната вера и животот во австралиското општество можат успешно да се надополнуваат и да претставуваат неразделни делови од еден целовит живот, со Христос во неговото средиште.

Средбата помина во пријатна атмосфера, исполнета со духовни пораки, отворен разговор и заедништво. МОЈА упати благодарност до отец Ефтим и отец Гаврил за нивните поучни обраќања, како и до црковната општина „Пресвета Богородица“ во Сиднам за срдечното гостопримство.

Останати вести