Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е изложен на напад од неговите противници поради ситуацијата со пожарите, кои беа означени како најлошите со кои Турција се борела во последните неколку децении.
Критичарите го напаѓаат поради начинот на кој управува со катастрофата, но и поради тоа што земјата е погодена од економска криза и пандемија.
Поради новонастанатата ситуација, растат тензиите во Турција, каде што владата долго време беше цел на обвинувања за корупција и лошо управување, што доведе до влошување на економската состојба во земјата. Најмалку осум лица загинаа во пожарите, додека десетици се хоспитализирани. Повеќе од 170 пожари избувнаа минатата недела во 39 од 81 провинција во Турција, изгореа стотици квадратни километри шума, уништени се земјоделско земјиште и куќи.
Катастрофата главно ги погоди јужните крајбрежни области, кои ги држи најголемата опозициска партија, Републиканската народна партија или ЦХП, а локалните градоначалници и претставници на партијата брзо го вклучија алармот. Но тие наскоро почнаа да се жалат дека не ја добиваат потребната помош од централната влада – авиони и хеликоптери за гаснење на пожарот. Меѓу критиките кон владата на Ердоган беше и тоа што тој одговори на барањата со испраќање на само три руски авиони.
Ердоган би сакал да биде реизбран за претседател за две години, и иако сè уште е најпопуларниот политичар во Турција, според анкетите, неговата популарност опаѓа.
Директорот за комуникации на Ердоган, Фахретин Алтун, ја обвини опозицијата дека ја користи кампањата на социјалните мрежи за да собере пари од странство за да ја поткопа државата.
Лидерот на партијата ЦХП Кемал Киличдароглу се придружи во критикувањето на владата, обвинувајќи го Ердоган дека не успеал да воспостави план за борба против шумските пожари и предупреди дека Турција мора веднаш да се подготви за идните кризи предизвикани од климата.
во голема мера остана надвор од конфликтот, ветувајќи дека ќе им помогне на жртвите од пожар и им се заблагодари на странските земји за помошта со противпожарната опрема и авиони. Тој, исто така, во текот на викендот отпатува во еден од најтешко погодените региони и вети дека ќе ги обнови куќите во рок од еден месец.
Меѓутоа, владините претставници се обидоа да ја префрлат вината за катастрофата врз противниците, сугерирајќи дека пожарите биле подметнати од диверзанти и го опишаа апелот за помош од странство како подмолен заговор против владата.