Затворен е мостот “Беласица“ што ги поврзува Железничката станица во Скопје со “Ист гејт мол“, одлучи Град Скопје по пожарoт што го зафати ноќта помеѓу четвртокот и петокот минатата седмица. Забранет е секаков сообраќај преку него (возила и пешаци) додека не се утврдат точните штети од пожарот, информира директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов. Поради оваа мерка во Скопје се создаваат големи сообраќајни гужви, бидејќи мостот поврзува битни артериски сообраќајници.
– Пожарот под мостот ги зафати сите инсталации кои минуваат низ него. Најмногу настрадаа електричните и топловодните цевки, чија изолација горела со температура веројатно над 1.000 Целзиусови степени. Поради толку високата температура од долниот дел на мостот отпаднале заштитните бетонски слоеви и не знаеме колку е оштетена арматурата. Самиот мост има многу голема тежина па забранет е секаков сообраќај затоа што безбедноста на луѓето е на прво место. Увид извршија универзитетски професори од Архитетура, но не беа сигурни какви се штетите. Затоа ќе почекаме за конечната одлука. Верувам дека мостот ќе биде пуштен за сообраќај после санацијата, доколку воопшто санација е можна, изјави Стојанче Ангелов.
За причините за појава на пожарот под мостот, како што посочи, ќе се произнесе МВР.
– Едната можност е електричен спој на високонапонските кабли што е многу малку веројатно, а втората е човечки фактор, бидејќи од она што можевме да го видиме е дека има некакви душеци и ќебиња што покажува дека под мостот престојувале луѓе, кажа Ангелов.