За иселеницитешто ќе инвестираатво Македонијадо еден милион евраподдршка од државата

Македонија воведе мерки за поддршка на иселениците што ќе инвестираат во земјата. Ова е дел од националната стратегија за зголемување на инвестициите и за подобрување на економската состојба.

– Ќе се дава финансиска поддршка за инвестиции на иселениците, односно на компаниите основани од иселеници што живеат најмалку пет години надвор од Републиката. Тоа значи дека ако инвестира во Македонија, иселеникот може да добие поддршка од 15 до 50 проценти од инвестицијата. Значи ако инвестира 500 илјади евра, може да добие од 50 до 250 илјади евра, вели за „Вечер“ министерот за економија, Бесар Дурмиши.

Еден од условите е инвестицијата да биде во производството, односно да донесе нова технологија и да отвори нови работни места. Доколку отвори фирма во некое рурално место, ќе има поголем процент на финансиска поддршка. За да ги добие парите од државата, инвеститорот ќе треба прво да инвестира, а потоа да чека државата да му врати дел од парите.

– За добие финансиска поддршка од државата, фирмата мора да работи профитабилно и да ги задржи вработените на своите работни места. Со овој закон ќе има поддршка за нови вработувања, а компанијата ќе добие 20 отсто од исплатената нето-плата. Значи ако вработи ново лице и аплицира да добие поддршка, компанијата може да добие 4.400 евра годишно. Исто така, предвидена е и поддршка до 50 отсто од оправданите трошоците, но да не го надмине максимумот од еден милион евра поддршка на инвестицијата. Се предвидува поддршка на 10 отсто од оправданите трошоци за набавка на машини, опрема, земјиште… ако сака да ги зголеми капацитетите и 10 отсто поддршка за зголемување на конкурентноста, изјави Дурмиши за „Вечер“.

Инаку, со овој закон се предвидени вкупно 20 милиони евра финансиска поддршка а максималниот износ што може да го добие еден инвеститор е еден милион евра.

Новите правила за доделување државна помош стапија на сила на 1 јануари годинава. Според новите измени, кои беа усвоени во август минатата година, се воведуваат два клучни критериума: право на финансиска поддршка ќе имаат компаниите што реализираат почетна инвестиција од најмалку 100 илјади евра, а инвестицијата мора да биде во рамките на преработувачката индустрија. Со новото законско решение се исклучуваат повеќе сектори што досега користеа поддршка. Повеќе нема да се доделува финансиска помош на субјекти со дејност во примарното земјоделство, шумарството и рибарството, како и за градежни активности поврзани со изградбата и продажбата на станови и на деловни згради.

Останати вести