Зеленски “се оладил“ за НАТО бидејќи Алијансата не е подготвена да ја прифати Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно го повика рускиот претседател Владимир Путин на дијалог, истакнувајќи дека Украина е подготвена да разговара и да бара компромиси, но не е подготвена да капитулира.

– Пред се, подготвени сме за дијалог, но не за предавање, изјави Зеленски во интервју за американскиот телевизиски канал „Еј-Би-Си Њуз“, на прашањето дали Украина е подготвена да ги исполни условите на Руската Федерација за прекин на војната: Да го променат уставот и да одбијат влез во НАТО, да го признаат Крим како руски и да ја признаат независноста на Донецк и Луганск.

Зеленски во интервјуто истакнал и дека го загубил интересот за влез на Украина во НАТО.

– Овде не се работи за мене, туку за луѓето кои ме одбраа. Што се однесува до НАТО, го загубив интересот по ова прашање откако сфативме дека НАТО не е подготвено да ја прифати Украина. Алијансата се плаши од конфронтација со Руската Федерација, додал тој.

Напоменал и дека Украина не сака да биде земја која „моли на колена“.

– Зборувам за безбедносните гаранции. Мислам дека можеме да разговараме и да најдеме компромиси за привремено окупираните територии и за републиките кои не се признати од никого освен од Русија, посочил Зеленски.

Истовремено, тој нагласил и дека е клучно прашањето како ќе живеат луѓето на овие територии, кои сакаат да бидат дел од Украина.

– Она што треба да се направи е Путин да почне да зборува, да започне дијалог, наместо да живее во информативен балон без кислород, нагласил украинскиот претседател.

Останати вести