Земјата е мета на хибриден напад со подметнување пожари

Скопјани минатата седмица беа небаре во гасна комора – едно по друго се палеа големите депонии „Вардариште“, „Дрисла“, депонијата во Шуто Оризари и складот со електронски отпад и пластика на компанијата „Ф-групација“ во скопско Трубарево.

Депонијата „Вардариште“ како и запаленото ѓубре во Шуто Оризари се изгаснати. Пожарот во „Дрисла“ се изгасна со затрупување со механизација на приватни градежни компании. Пожарот, пак, на складот со електронски отпад се гаснеше со песок бидејќи таму гореа отпадна електрична и електронска опрема и отпадни батерии и акумулатори, литиум-јонски батерии од апарати и возила.

Црниот густ чад и смрдеата од запалените ѓубришта предизвикаа сериозна загриженост кај граѓаните за нивното здравје.

Една недела секој ден жителите на скопската населба Ново Лисиче со цели семејства излегуваа на протест барајќи итна реакција за справување со опожарените депонии. Премиерот Мицкоски за пожарите на „Вардариште“ и „Дрисла“ изјави дека „иако облаците чад и воздухот во Скопје изгледаат страшно, сепак не е алармантно како што се претставува“.

Но за пожарот во Трубарево, среде населено место, Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје обезбедија 2.000 заштитни маски N95 (оние што ги користевме во ковидот) кои беа дистрибуирани до жителите на ова скопско село. Се смета дека со оваа мерка се обезбедува навремена поддршка за локалното население, со цел намалување на непосредната изложеност на загадениот воздух предизвикан од пожарот. Во селото беа упатени и две возила на итната медицинска помош, подготвени да интервенираат и да укажат соодветна здравствена помош како на пожарникарите, така и на граѓаните доколку имаат потреба.

Токсиколог Андон Чибишев предупреди на сериозни последици по здравјето на граѓаните.

– При горење на електронски отпад се ослободуваат голема количина на екстремно токсични гасови кои содржат јаглероден моноксид, јаглероден диоксид, флуороводород и пареи од тешки метали (олово, жива, кадмиум, арсен). Овие отровни гасови можат сериозно да го загрозат здравјето на децата, бремените жени и хроничните болни (срцеви, белодробни, малигни заболувања). Апелирам граѓаните да затворат прозорци, да не излегуваат надвор без посебни потреби и сите кои имаат во домовите прочистувачи на воздух да ги пуштат да работат со најголем капацитет, потенцира Чибишев.

Според првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, сите овие пожари се подметнати.

– Според мене државата ни е мета на хибриден напад, зашто не е можно да се случат за толку краток период волку тешки пожари кои предизвикуваат огромно загадување во главниот град. За мотивите, како и за откривање на сторителите работат МВР и останатите служби. Апелирам до сите граѓани на 112 или на кој било друг начин да го пријават секое сомнително поведение, рече Ангелов.

Дека пожарите се подметнати сметаат и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, со тоа што покажуваат со прст едни кон други.

Останати вести